Sultan Çoğalan
08 Март 2017•Ажурирај: 09 Март 2017
АНКАРА (АА) - Една од најпрестижните награди во светот, Нобеловата, во последните 116 години ја добија 48 жени, јавува Anadolu Agency (AA).
Наградата што се доделува од фондот на Алберт Нобел од 1901 година, е наменета за оние поединци или организации што стекнале најголеми заслуги во областа на физиката, хемијата, медицината или физиологијата, книжевноста, како и миротворци кои придонесоа за разбирање меѓу народите, мир и разоружување.
Наградата ја доделува шведската Кралска академија, Каролинскиот медицинско-хируршки институт, Шведската академија и Норвешкиот одбор за доделување на Нобеловата награда.
Престижната награда досега ја добиле 822 мажи, односно 48 жени, кои имаат добиено 16 награди за мир, 14 за литература, 12 за медицина или физиологија, четири за хемија, две за физика и една за економија.
- Единствена жена што ја доби Нобеловата награда двапати -
Научничката Марија Кири беше првата добитничка на Нобелова награда и е единствената жена која престижната награда ја доби двапати. Првата награда ја доби во 1903 година за физика, а во 1911 за хемија.
Таа ја откри радиоактивноста. Бидејќи Кири ја освои Нобеловата награда двапати, на жените им се доделени вкупно 49 награди.
- Најмладата добитничка на Нобелова награда за мир -
Активистката Малала Јусуфзаи е најмладата личност која ја има освоено Нобеловата награда за мир во 2014 година, кога имаше само 17 години. Таа изјави дека наградата од осум милиони круни (околу 641.000 евра) ќе ја донира за училиштата во Пакистан.
Фондот што го носи нејзиното име продолжува да спроведува проекти со цел девојчињата во земјите во развој да можат да одат на училиште.
Добитничката на Нобелова награда, Малала Јусуфзаи, на 9 октомври 2012 година е нападната во автобус со кој се враќала од училиште. Маскиран маж влегол во автобусот и девојката ја прашал за името, а потоа отвориле оган врз неа. Малала беше застрелана во главата, вратот и во рамото. Таа беше хоспитализирана, а веднаш по нападот е пренесена на лекување во Велика Британија. Лечењето го заврши во 2013 година, по што со своето семејство се пресели во Бирмингем и таму го продолжи образованието.
- Првата жена во арапскиот свет која доби Нобелова награда за мир -
Тауакул Карман е првата жена која во арапскиот свет доби Нобелова награда за мир. Наградата ѝ е доделена во 2011 година, за придонес во јакнењето на улогата на жените во опшетството.
Селма Лагерлоф во 1909 година ја доби Нобеловата награда за книжевност и стана првата жена и првиот шведски книжевник на кој тоа му појде од рака.
Во 1947 година, биохемичарката Герти Тереза Кори ја доби Нобеловата награда за физиологија или медицина, заедно со нејзиниот сопруг Карл Фердинанд Кори и физиологот Бернард Алберт Усај.
Првата жена од Африка која ја доби Нобеловата награда за мир е Вангари Маатаи. Наградата ја доби во 2004 година, за придонесот во одржливиот развој, демократијата и мирот.
Вирологот Франсоаз Баре-Синуси, Нобеловата награда за физиологија или медицина ја доби во 2008 година, за работата на препознавање на вирусот ХИВ.