Kasım İleri
26 Октомври 2017•Ажурирај: 26 Октомври 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Началникот на Генералштабот на Турција, Хулуси Акар, учествуваше на Конференцијата на началници на генералштабовите од 74 земји, на темата борба против екстремистичките терористички организации, којашто се одржа во САД. Во својот говор, тој истакна дека е погрешно исламот да се споменува заедно со терористичките организации и оти е неприфатлив поимот „исламски тероризам“, јавува Anadolu Agency (AA).
Генерал Акар е еден од учесниците на Конференцијата на началници на генералштабовите од 74 земји и преставниците од НАТО и од Европската Унија.
Конференцијата се одржа во американската воена база Форт Белвор, во сојузната држава Вирџинија. На настанот стана збор и за тоа дека исламот и тероризмот не треба да се споменуваат во ист контекст, еден покрај друг, и оти за тоа е потребно да се вложат заеднички напори.
Според информациите до коишто дојде новинарот на АА, генерал Акар во своето обраќање, освен за придонесот на Турција за безбедноста во регионот, зборувал и за погрешното споменување на исламот заедно со терористичките организации и истакнал дека е потребно против таквата идентификација да се вложат заеднички напори.
Се дознава дека на конференцијата, генерал Акар истакнал оти е неприфатлив поимот „исламски тероризам“, а по ова прашање Акар беше поддржан од голем број началници на генералштабовите на земјите-учеснички на конференцијата.
- Акар пред колегите зборуваше и за ФЕТО -
Началникот на генералштабот на Турција, Акар, на конференцијата зборуваше и за борбата што Турција ја води против терористичката организација ФЕТО и ги информираше своите колеги дека оваа организација се обидела да ја загрози националната безбедност во Турција.
Акар истовремено ги повика другите земји да се вклучат во борбата против сите терористички организации, токму како што тоа е случај со борбата против ДЕАШ, упатувајќи повик за заедничко делување со Турција по ова прашање.
- Данфорд истакна дека е значаен „исламскиот глас“ -
Началникот на генералштабот на САД, генерал Џозеф Данфорд, по конференцијата приреди прес-конференција на којашто рече дека е потребно да се запрат приказните за ДЕАШ, истакнувајќи дека борбата против оваа организација е една од најтешките работи.
„Потребно е да се застане наспроти приказните за ДЕАШ, а за поништување на неговата идентификација, најголемо влијание ќе има исламскиот глас“, изјави Данфорд.
Генерал Данфорд рече дека на конференцијата, големо внимание му било посветено на ова прашање, и истакна дека е многу важно исламскиот свет да излезе против пропагандата на ДЕАШ.