Vesna Besiç
05 Февруари 2016•Ажурирај: 06 Февруари 2016
САРАЕВО (АА) - Членови на семејствата на жртвите, преживеаните, бројни делегации и граѓани на Сараево им одадоа почит на жртвите од масакрот на сараевскиот пазар Маркале, каде на денешен ден пред 22 години загинаа 68 сараевчани, додека 144 беа ранети, јавува Anadolu Agency (AA).
Граната која е испалена од позициите на Војската на Република Српска од околината на градот, на 5-ти февруари воената 1994 година, експлодираше на централниот градски пазар Маркале на кој во тој момент се наоѓале голем број луѓе во потрага по храна и други животни потреби.
Положувањето на венците го следеше читањето на 68-те имиња на загинатите сараевчани.
Претседателката на Унијата на здружението на цивилните жртви од војната Сенида Каровиќ потсети во обраќањето дека Маркале е симбол на борбата за преживување, но и симбол на сеќавањето на сите граѓани на Сараево во периодот на опсадата.
Првиот од двата масакри на пазарот Маркале, во центарот на Сараево, се случи на 5-ти февруари 1994 година, кога е испален минофрлачки проектил со калибар од 120 милиметри од позициите на Војската на Република Српска, на подрачјето на селото Мрковиќи, кој падна на преполн градски пазар.
Најпрометниот пазар во Сараево, Маркале, и во текот на војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година беше едно од местата за снабдување на жителите на опколениот град. На тој пазар се одвиваше трговија со прехрамбени продукти и сето она што можело во тој период да им се понуди на граѓаните на Сараево, со цел да ги преживеат тешките воени денови.
По војната, 5-ти февруари е прогласен за Ден на сеќавање на сите загинати граѓани на Сараево во периодот од 1992-1995 година.