Hajer M'tırı
30 Ноември 2015•Ажурирај: 01 Декември 2015
ПАРИЗ (АА) – Во Париз започна Конференцијата на ОН за климатските промени, а домаќините, генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, и францускиот претседател Франсоа Оланд, ги дочекаа лидерите на над 150 земји од светот со надеж дека ќе постигнат конкретен и обврзувачки договор за идните мерки за заштита на животната околина, јавува Anadolu Agency (AA)
На првиот ден на Конференцијата која ќе трае до 11-ти декември, францускиот претседател Оланд на состанокот „Средба на Лидерите“ рече дека иднината на планетата е под голем знак прашалник но дека климатските промени ќе донесат нови конфликти во светот, оттука, под знак прашалник е мирот во светот.
„За решавање на климатската криза нема да бидат доволни само декларации за волјата за нешто да се преземе. Се наоѓаме на работ на слом. Париз мора да биде почеток на далекусежни промени. Не можеме веќе да ја сметаме природата како базен со неисцрпни ресурси“, порача Оланд.
Тој додаде дека сите развиени земји и оние во развој мора да работат солидарно за да се создадат услови за ограничување на глобалното загревање на 2 или 2,5ºС.
„Ниту една територија не смее да се остави сама да се снаоѓа со овој проблем, а посебно не најранливите народи. Мислам на оние жители на остров кој наскоро би можел едноставно да биде потопен и да исчезне. Овде сакам да бидам нивен глас бидејќи опстанокот на разликите на нашата планета се во прашање. Парискиот договор мора да биде универзален и обврзителен“, заклучи Оланд.
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, ги повика сите светски лидери собрани во Париз, во преговорите да го изберат патот на компромисот и консензусот бидејќи реагирањето во однос на климатските промени подеднакво се однесува на сите земји во светот.
Истакнувајќи ја неопходноста од баланс помеѓу развиените и неразвиените земји, Бан ги повика развиените земји да ги исполнат поранешните ветувања за годишно издвојување на 100 милијарди долари за помош на сиромашните земји до 2020 година.
На свеченото отворање на Конференцијата се обрати перуанскиот министер за животна средина и организатор на претходната слична Конференција, Мануел Пулгер-Видал и порача дека учесниците на парискиот собир можат да му покажат на светот дека е можна заедничка работа по ова прашање.
„Ова е време кога креираме парадигма на развојот за идните генерации. Дозволете овие преговори да ги преточиме во конкретен одговор. Јас сум оптимист дека ние тоа го можеме“, рече Видал, кого потоа, на местото претседател на Конференцијата го замени шефот на француската дипломатија, Лорент Фабиус.
Фабиус во тек на обраќањето истакна дека успехот е дофатлив и нужен.
Рамковниот договор од париската Конференција би требало да се објави на 9-ти декември и тоа на шест службени јазици на Обединетите нации. Конечниот договор ќе биде заклучен на последниот ден од Конференцијата, на 11-ти декември, а потпишувањето на истиот не е планирано во истиот ден, туку во почетокот на следната година.