Admir Fazlagikj
29 Јануари 2016•Ажурирај: 30 Јануари 2016
СКОПЈЕ (АА) - "Активности за 2016 година во износ од 39,4 милиони долари се планираат за Република Македонија како дел од регионалиот план за шест земји чија цел е да ја ублажи кризата со бегалци и мигранти. Планот, презентиран во Скопје денеска и развиен под водство на Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации (УНХЦР) и Меѓународната организација за миграции (ИОМ), ги надополнува хуманитарните активности во организација на Владата и ги покрива активностите на осум агенции на Обединетите нации со седиште во Скопје и 16 различни невладини организации", соопшти УНХЦР во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
"Вклучувајќи ги и останатите пет земји покриени со планот – Турција, Грција, Србија, Хрватска и Словенија – вкупниот буџет за регионалниот план за одговор на потребите на бегалците и мигрантите изнесува 550 милиони американски долари", стои во соопштението.
„Ви честитаме за гостопримливоста и великодушноста покажани кон 900.000 бегалци и мигранти коишто поминаа низ регионот само во текот на минатата година“, рече Постојаниот координатор на ОН Луиза Винтон, информираат од УНХЦР.
"Треба да запомниме дека луѓето коишто бегаат од конфликт и неволји имаат фундаментално човеково право на прибежиште, достоинство и шанса за подобар живот“ , истакна Витон.
Изразувајќи благодарност до УНХЦР и ИОМ нивното водство на хуманитарниот одговор, Винтон забележа дека агенциите на ОН коишто работат во Скопје заедно посветиле повеќе од 5 милиони американски долари за бегалската криза во 2015.
Приоритетите што ќе се финансираат во 2016 се заштита; храна; здравје и исхрана; вода,санитација и хигиена; засолништа; и непрехранбени производи како зимска облека. Исто така се планира поддршка за Гевгелија и Куманово, за да се осигура дека општините-домаќини ќе можат да ги нудат клучните јавни услуги како управување со отпадот во прифатните центри без да се загрозат нивните обврски кон локалното население.