СКОПЈЕ (АА) - Во текот на 2015 година до сега Република Македонија ја поминале повеќе од 715 илјади бегалци, а според очекувањата и сите индикатори, анализите покажуваат дека овој број во текот на оваа година ќе биде поголем, вели во интервју за АА, Државниот секретар при Министерството за внатрешни работи, Анастасија Илиеска, зборувајќи за бегалската и мигрантската криза со која се соочува Република Македонија.
Илиеска, се осврна на околностите под кои Република Македонија ја донесе одлуката за примена на селективен пристап во однос на дозволување на бегалците и мигрантите да транзитираат низ земјата. Одлуката стапи на сила од 19 ноември, така што поминување на македонската јужна граница им е овозможено само на државјаните на Сирија, Ирак и Авганистан, бидејќи се работи за земји во кои се војува, додека оние кои доаѓаат од другите земји се сметаат за економски мигранти.
“Се работи за одлука, известување, коешто го добивме од земја членка на Европската Унија, од Хрватска, а Хрватска таа одлука ја донесе врз ознова на одлуката на нејзниниот сосед Словенија, којашто, исто така, доставила известување за непропуштање на лица кои не доаѓаат од земји во кои има воени жаришта. Понатаму ова известување се прошири долж коридорот, до Србија и до Македонија. Ние, секако нашиот јужен сосед го известивме а оваа одлука е со цел да немаме повратен домино ефект. Лицата коишто доаѓаат од земји каде што има воени жаришта, се пропуштаат да поминат низ Македонија”, вели Илиеска.
“Тоа се бегалци коишто бараат мир, бараат да си го заштитат своето семејство, бараат парче небо над својата глава, за да се заштитат самите себе и своето семејство. Нормално, Република Македонија на тие лица им излегува во пресрет, имаме два транзитни центри, каде што лицата можат привремено да се заштитат, да им се обезбеди храна, вода, топлина во овие зимски услови, и секако доколку им е потребна друга нега, здраствена заштита”, додава таа.
Државниот секретар при МВР, истакнува дека институциите во земјава, заедно со невладините организации, со помош на ИОМ, Црвениот Крст и УНХЦР, кои работат заедно 24/7, се постојано на терен за да им излезат во пресрет на бегалците. Нов момент во актуелната бегалска и мигрантска криза е обидот на мигрантите да ја поминат македонската граница со фалсификувани документи. Нивниот број на дневна основа не е воопшто за занемарување, вели Илиеска.
-Илегално преминување на границата и криумчарење на мигранти-
“Од воведувањето на оваа селекција на бегалци и економски мигранти ние имаме ситуација во Република Македонија каде секојдневно се соочуваме со огромен број на фалсификувани документи коишто ги користат лицата при обид да влезат во Македонија. На дневна основа тој број на фалсификувани документи е огромен”.
Лицата кои што работат во центарот и на граничните премини, вели таа, ги откриваат тие лица и тие понатаму се предаваат на грчката полиција, потоа грчките власти ги преземаат тие лица и ги спроведуваат понатаму во постапка за азил и реадмисија.
“Со воведувањето на забраната за влез на економските мигранти се соочуваме со криумчарењето. Со овој вид на криминал се соочуваме секој ден. Се надевам дека во идно време ќе се намали бројот на илегални мигранти. За таа цел беше поставена и таа ограда која Македонија ја постави за да се регулира движењето на мигрантите само на одредена точка, се со цел регистрација и идентификација. Овие мигранти кои се предмет на криумчарење ги враќаме назад”, изјавува државниот секретар при МВР, Илиеска, подвлекувајќи дека “криумчарење на лица е кривично дело и лицата коишто се криумчарени се сведоци во кривичната постапка против криумчарите”.
-Меѓународна поддршка-
На македонската јужна граница можат да се забележат и полициски службеници од соседните и европските земји, кои им помагаат на македонските полициски служби во заштитата на границата.
“На јужната граница имаме поддршка од полициските сили од Србија, Хрватска, Словенија, Унгарија, во идниот период ги чекаме Чешка и Словачка. Од овие земји побаравме помош не само во техничка опрема, туку и поддршка со персонал и тие заедно со нашата гранична полиција заедно ја чуваат и обезбедуваат граничната линија долж македонската јужна граница. Нивната цел е чување и заштита на граничната линија на Македонија. Сето тоа е врз основа на Виенската конвенција и билатералните договори коишто ги има Република Македонија со овие земји”, објаснува Илиеска.
Во неколку наврати беше најавувано дека Република Македонија, како земја која е погодена од бегалската и мигрантската криза, треба да добие одредена материјална и техничка помош од страна на ЕУ. Илиеска информира дека во наредниот месец, февруари, Македонија ќе ја добие потребната помош.
“Уште во месец септември минатата година е разговарано со Делегацијата на ЕУ во Македонија за одредена помош во опрема. Извесен период тоа се разгледуваше, и се надевам во текот на месец февруари ќе ја имаме опремата во рамките на министерствата. Не се работи само за Министерството за внатрешни работи, туку и за Министерството за труд и социјала, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, ЦУК. Тоа е опрема која овие институции секојдневно ја користат на терен во справување со бегалската криза”, наведе Илиеска.
Од 2015 година досега над 715 илјади транзитирале низ Македонија, а Илиевска смета дека овој број во наредниот период ќе се зголемува, што покажуваат и досегашните анализи.
“Во 2015 година до ден денешен 713 илјади имаат транзитирано низ Република Македонија. Овој број е огромен како бројка. Она што се очекува во 2016 година е уште поголема бројка од оваа. За жал, бројките и сите оние индикатори кои ги земаме во нашите анализи покажува дека бројката во наредната година ќе биде поголема”, предупредува Илиеска, истакнувајќи дека позитивното во целата ситуација е што Република Македонија “ги почитуваше нивните загарантирани човекови права”.
Поради самоит карактер на бегалската и мигрантската криза со која се зафатени земјите, потребна е добра соработка и координација помеѓу сите нив, за што Илиеска вели дека Македонија има одлична соработка со сите нив.
“Имаме одлична соработка со сите земји, Словенија, Хрватска, Србија, соработката со грчките власти на ниво на полициски службеници е подобрена. Полициските сили после оној немил настан, кога беа каменувани нашите полицајци од грчка територија, од тој ден грчките власти веројатно беа приморани да се однесуваат посериозно кон оваа ситуација, на нивната северна а нашата јужна граница. Нивните полициски сили сега се побројни, како и другите лица кои ја менаџираат бегалската криза”, смета Илиеска.
Од вчера е запрен протекот на бегалци, при што околу 350 бегалци останаа во прифатниот бегалски камп во Гевгелија, додека група бегалци остана "заглавена" на грчката страна, откако привремено беше сопрен протекот на македонско-грчката граница. Застој во протекот на бегалци, како што информираат од МВР, се случил и поради барањето добиено од Словенија привремено да не се пропуштаат мигрантите. Причината е дефект на железничката линија, поради што е побарано привремено намалување на напливот на бегалци кон ЕУ.
news_share_descriptionsubscription_contact


