Fatma Esma Arslan
22 Јануари 2018•Ажурирај: 22 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Кампањата на клевети за операцијата „Маслинова гранка“ на социјалните мрежи продолжува со објавувањето на содржини за кои е утврдено дека немаат врска со операцијата на Вооружените сили на Турција започната во саботата во Африн, северозападна Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Вистинската позадина на четири фотографии за кои преку социјалните мрежи се изнесени невистини дека се фотографирани за време на операцијата на турската војска во Африн против терористичките организации ПЈД/ПКК и ДЕАШ, утврдена е со пребарување на претходни објави.

Фотографијата објавена на социјалната мрежа Твитер (Twitter) со наводите за уништување на два тенка на Турските вооружени сили, всушност е фотографирана на 31 декември 2016 година во Јемен. Фотографијата објавена со истите наводи на која се наоѓа целосно уништен тенк, како што е утврдено, објавена е на 10 декември 2017 година заедно со насловот на веста „САД би можеле да загубат во случај на конфликт со Русија и Кина“.

Фотографијата објавена на социјалната мрежа Фејсбук (Facebook) со која се наведува дека дека припадниците на „ЈПГ раниле војник на Турските вооружени сили“, а на која се наоѓа војник на носилка, снимена е на 22 декември 2017 година во Маниса, Турција, и на неа се гледа војник за време на хоспитализација поради труење со храна.

На Твитер беше објавена и фотографијата со пост „Турски војници заробени во Африн“, а за која се испостави дека е објавена на 23 февруари 2015 година заедно со веста под наслов „Сириските бунтовници заробија тим на Хезболах“.
Како што беше утврдено вчера, и претходно објавените три фотографии исто така немаат никаква врска со тековната операција во Африн.

Некои од профилите на социјалните мрежи кои ги објавија споменатите содржини се затворени, а некои ги избришаа претходно споделените фотографии.
Од друга страна, турските разузнавачи пресретнаа комуникација на терористите на ПЈД/ПКК со која им се наредува на припадниците на терористичката организација да споделуваат содржини со кои би се создал впечаток дека на мета во Африн се цивилите.
Турските сили во саботата ја започнаа операцијата „Маслинова гранка“ во Aфрин со цел воспоставување на безбедноста во пограничното подрачје, неутрализирање на терористичките елементи на ПЈД/ПКК и ДЕАШ, ослободување на територијата окупирана од терористите и спасување на братскиот народ на тоа подрачје.
Операцијата во Африн е започната во рамките на турските права засновани на меѓународниот договор и резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на резолуцииите 1623 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014) кои се однесуваат на борбата против тероризмот.
Турција се повикува и на членот 51 од договорот на ОН, односно Правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на претседателот Башар ал-Асад во јуни 2012 година без судири им го препуштија подрачјето на Африн на терористите на ПЈД/ПКК. Оттогаш Африн стана еден од главните центри на оваа терористичка организација.
Терористите на ПЈД/ПКК моментално под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат меѓу 8 и 10 илјади терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК која се наоѓа на листата терористички групи во Турција, САД и Европската Унија. ПКК уште од средината 1980-те години води терористичка кампања против Турција и досега во терористичките напади на организацијата животот го загубија околу 40 000 лица.