Ali Murat Alhas
11 Декември 2017•Ажурирај: 12 Декември 2017
ХЕБРОН (АА) - Палестинското момче Фавзи aл-Џунеиди стана симбол на тековните протести против одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го признае Кудс за главен град на Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
Шеснаесетгодишното момче во четвртокот, за време на судирите во градот Хеброн на Западниот Брег, со врзани очи е одвлечено од страна на десетина израелски војници, по што е притворено.
Зборувајќи за АА, неговиот вујко Рашад aл-Џунеиди изјави дека неговиот внук бил случајно фатен од страна на војниците, додека одел до продавница за да купи некои работи за неговото семејство.
„Тој беше тешко претепан и приведен од страна на израелските војници“, вели Ал-Џунеиди.
Тој рече дека неговиот внук треба да се појави на суд во сабота. „Сепак, ни кажаа дека неговото судење било одложено до понеделник“, вели тој.
Ал-Џунеиди истакна дека неговиот внук бил единствениот хранител на неговото седумчлено семејство.
„Тој мораше да го напушти училиштето со цел да работи, за да ги покрие потребите на своето семејство“, вели вујкото, упатувајќи апел до палестинските власти и групите за човекови права да интервенираат за ослободување на момчето.
Тензиите на палестинските територии се зголемија откако Трамп официјално го призна Кудс за главен град на Израел, предизвикувајќи низа осуди од страна на арапските и муслиманските земји.
Кудс останува во сржта на израелско-палестинскиот конфликт, бидејќи Палестинците се надеваат дека Источен Кудс, кој е окупиран од страна на Израел, ќе биде главен град на идната палестинска држава.
- „Тешко претепан“ -
Весам aл-Хашламон, фотограф на АА кој го забележа притворањето на младото момче, изјави дека голем број израелски војници поставиле замка за каменување на Палестинците во централен Хеброн.
„Додека момчето поминуваше, тоа беше фатено и тешко претепано од страна на војниците“, вели тој. „Го фрлија на земја, го притиснаа со нозе и му ги врзаа очите пред да го однесат во притвор“.
Калид Казар, директор на палестинскиот огранок на Движењето за заштита на децата во светот, ја осуди израелската политика за притворање на палестинските деца.
„Стотици деца беа притворени од израелската армија оваа година, повеќето од нив беа во Кудс, пред да бидат ослободени кратко време потоа“, рече тој.
Според официјалната бројка на Здружението на палестински затвореници, околу 300 деца во моментот се наоѓаат во израелските затвори.
Казмар рече дека околу 700 палестински деца се соочиле со судење во текот на оваа година.
„Израел е единствената земја во светот каде што деца се судат во воените судови“, вели тој.
Фактот што палестинските деца се ставени во притвор и подложени на тортура според меѓународното право, претставува злосторство против човештвото.