Zülfiya Yakup
26 Февруари 2016•Ажурирај: 26 Февруари 2016
ПРИШТИНА (AA) - Денешната вонредна седница на Собранието на Косово на која се бира нов претседател на Косово, кој на таа позиција ќе ја замени Атифете Јахјага, започна со доцнење од скоро еден час.
Главниот кандидат за претседател е Хашим Тачи, актуелниот министер за надворешни работи на Косово, според коалицискиот договор помеѓу неговата партија и Демократскиот сојуз на Косово на премиерот Иса Мустафа, додека формален противкандидат му е Рафет Рама, исто така од Демократската партија на Косово.
По претставувањето на двата кандидата и формирањето на Комисијата за избор на претседател, дадена е 15-минутна пауза.
Паралелно со тоа, неколку стотици граѓани, приврзаници на опозицијата, протестираат пред зградата на Собранието во Приштина против изборот на Тачи за нов претседател на Косово.
- Полиција на улиците низ Приштина -
Опозиционите лидери најавија дека ќе се спротивстават на изборот на Тачи за претседател во текот на седницата, но и надвор од Собранието.
Зајакнатото присуство на припадниците на полицијата е забележливо низ цела Приштина.
Освен опозицијата, за изборот на Тачи за претседател се противат и четворица пратеници на ДСК, кои не присуствуваат на седницата.
Сè уште не се знае дали и како ќе гласаат 10-те пратеници од Српската листа, додека се очекува останатите 10 малцински несрпски пратеници сигурно да гласаат за Тачи. Српската листа и останатите малцински партии се дел од актуелната владеачка коалиција.
Според Уставот на Косово, за избор на претседател на Косово потребни се двајца кандидати и потребно е во гласањето да учествуваат најмалку 80 до 120 пратеници на Собранието на Косово, односно двотретинско мнозинство на пратениците. Кандидатот кој ќе добие двотретинско мнозинство гласови од пратениците во првиот или вториот круг, станува нов претседател на Косово. Доколку во првите два круга на гласање ниту еден кандидат не добие двотретинско мнозинство гласови, се оди на трет круг гласање во кој повторно е потребно да гласаат минимум 80 пратеници, но за изборот на претседател е доволно општо мнозинство или 61 глас.
Во центарот на Приштина во еден момент дојде до вербален судир помеѓу приврзаниците на власта и опозицијата, кој го раздели кордон од специјалните единици на полицијата.
Активисти на Демократската партија на Косово вчера најавија дека ќе излезат пред Собранието за да го прослават изборот на Тачи за претседател на Косово, што би можело да предизвика нови тензии помеѓу опозицијата и позицијата, но Тачи синоќа преку социјалната мрежа Фејсбук ги повика приврзаниците да се воздржат од било каков судири и да се слави дома.
На протестот на опозицијата пред Собранието, лидерот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај рече дека Мустафа и Тачи згрешиле кога ги потпишале договорите со кои го прекршиле Уставот, Договорот за Заедница на општини со српско мнозинство и договорот за демаркација на границата со Црна Гора.
- Харадинај: Тачи го загрози територијалниот интегритет -
Харадинај, кој минатата недела поднесе оставка на местото пратеник во Собранието, истакна дека граѓаните на протестот одржан на 17-ти февруари го сменија Мустафа и Тачи и дека Тачи не може да биде претседател на Косово.
„Има ли смисла човек кој згрешил и го загрозил територијалниот интегритет на земјата, оној кој го сменивме од Владата, сега да бара да биде избран за претседател. Нема смисла, и тоа не може да биде”, порача Харадинај.
Приврзаниците на опозицијата од вторникот постави шатори на платото пред Собранието и деноноќно протестира барајќи пад на Владата на Мустафа-Тачи како и против изборот на Тачи за претседател. Пратениците на опозицијата веќе шест месеци ја блокираат работата на Собранието во знак на спротивставување на договорот за заедница и демаркација на границата.
Откако кон крајот на минатата година Уставниот суд констатираше дека формирањето на Заедница на општини со српско мнозинство не е потполно во согласност со Уставот, опозицијата побара оставка на Владата и распишување вонредни избори.
На претседателката на Косово, Атифете Јахјага, мандатот ѝ истекува на 7-ми април и според законот новиот претседател мора да биде избран 30 дена пред истекувањето на нејзиниот мандат.