БРИСЕЛ (АА) – Потпретседателот на САД, Мајк Пенс изјави дека САД се одлучни во продолжувањето на соработката со Европската Унија (ЕУ) и оти двете страни имаат иста цел, јавува Anadolu Agency (AA).
Пенс е за првпат во посета на Брисел, откако стана помошник на претседателот Трамп, кој пак е познат по неговите анти-ЕУ изјави. Утрово Пенс се сретна со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, а подоцна оствари средба и со претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск.
- „Изнесени изненадувачки ставови“ -
По средбата којашто траеше околу 45 минути, Туск и Пенс дадоа изјави за медиумите. Заблагодарувајќи се за посетата на Пенс, Туск рече: „Навистина, сите имавме потреба од ова“.
Туск забележа оти во последните неколку месеци, во САД и во ЕУ се случија многу работи, како и дека повремено беа давани изјави кои изнесуваа изненадувачки ставови во врска со заемните односи и заедничката безбедност. Тој додаде дека во текот на овој период на ЕУ ѝ преостана само да се однесува како сѐ да продолжува без никакви промени.
- „Слушнав ветувачки зборови“ -
Туск изјави дека на средбата слушнал надежни, ветувачки зборови во врска со новото раководство на САД и пренесе оти на Пенс му поставил три прашања поврзани со меѓународниот поредок, безбедноста и ставот на новото раководство на САД во однос на ЕУ.
Доналд Туск понатаму пренесе дека го изразил своето уверување оти бруталната сила и егоизмот не се клучни во донесувањето на одлуките и оти само одржувањето на редот во основните правила на меѓународното право е во интерес на Западот. Тој додаде: „Овој ред може да се запази само со заемна поддржувачка и одлучувачка политика на целата западна заедница“.
- „НАТО не е застарена организација“ -
Туск истакна дека безбедноста на двете страни се темели на НАТО и на блиската трансатлантска соработка и нагласи оти заеднички треба да работи на модернизирање на оваа форма на соработка. Алудирајќи на изјавата на Трамп во која тој вели дека НАТО е застарена организација, Туск рече: „Мораме да се согласиме дека НАТО не е застарена организација, како што не се застарени и вредностите врз кои е формирана“.
- „Претпоставуваме дека поддршката е без полемики“ -
Туск понатаму ги изрази очекувањата за поддршка од САД за обединета Европа. „Претпоставуваме дека како во минатото, така и сега, САД ја поддржува идејата за обединета Европа ’од срце и без полемики’, сакам да повторам, ’без полемики’. Ако Европа не се соединеше, светот сигурно ќе беше полошо место“.
Туск забележа оти за сите три прашања добил позитивен одговор од Пенс, и притоа, како што рече, по една ваква позитивна изјава и Европјаните и Американците треба да преминат кон остварување на кажаното.
Потпретседателот Пенс пак, нагласувајќи дека оствариле навистина конструктивна средба со Туск, рече: „За мене претставува привилегија тоа што денес, во името на претседателот Трамп имав можност да ја искажам силната одлучност на САД во однос на партнерството со ЕУ и продолжувањето на заедничката соработка“.
- „Делиме иста цел“ -
Посочувајќи на сличноста на целите на САД и ЕУ, Пенс рече: „Без оглед на разликите, нашите два континента го делат истото наследство, истите вредности и што е најважно, истите цели за поддршка на мирот и просперитетот, преку владеењето на слободата, правото и демократијата. Ние ќе продолжиме да се придржуваме кон таа цел“.
Давајќи кратка слика за процесот на трансформирање на ЕУ од економска заедница до тоа што е денес, Пенс рече дека ЕУ и САД се придржуваат кон економските обврски во рамките на светската економија.
Пенс потврди дека САД ќе продолжи со поддршката кон ЕУ наспроти заканата од тероризмот и забележа оти болката на Европјаните за жртвите од тероризмот се чувствуваа во секој дом во САД. Тој ги повика Европјаните да направат заедничка соработка во борбата против заканата од тероризмот.
По средбата со Туск, Пенс се сретна со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, а потоа ќе го посети и НАТО.
Од друга страна пак, за време на посетата на Пенс, една мала група организираше демонстрации против одлуката за визи на Трамп, во близина на Советот на ЕУ.
- Изјавите на Трамп во врска со ЕУ -
За време на предизборната кампања на Трамп, тој често изјавуваше дека европските сојузнички на НАТО треба да ги зголемат трошоците за одбрана, и дека е против договорот за слободна трговија меѓу САД и ЕУ.
Раководителите на институциите на ЕУ, вклучувајќи го и Туск, му ја честитаа победата на Трамп и го поканија на самитот на лидерите на ЕУ, иако сѐ уште не беше инаугуриран. Меѓутоа, Трамп не присуствуваше на самитот, туку напротив, оствари средби со екстремно десничарски лидери од Европа.
Трамп даде сигнали за евентуален договор за слободна трговија со Велика Британија, притоа бранејќи го ставот дека Британија донесе навистина паметна одлука за напуштање на Унијата и оти државата одлично напредува на тој пат. Трамп ја карактеризираше ЕУ како „алатка на Германија“.