АНКАРА/ИСТАНБУЛ (АА) - По повод 98 години од основањето на Anadolu Agency (AA), која во првите години од Турската војна за независност ја основа првиот претседател и основач на Турција, Кемал Ататурк, за нејзиното значење зборуваа поранешните генерални директори.
Поранешниот генерален директор на АА и на Дирекцијата за печатење и информирање (BYEGM), Мехмет Акарџа, во разговорот за АА истакна дека оваа агенција од основањето била референтна институција во подрaчјето на новинарството.
„Меѓу новинарите секогаш постоеше една реченица 'Доколку Anadolu Agency го напишала, точно е'. Таа точност и доверба и денес се присутни“, изјави Акарџа, и додаде дека оваа реченица е потврдена и на меѓународен план.
„Меѓу голем број весници, агенции и телевизии, изворот и референцата која ја користат од Турција, е АА. Поради тоа, успехот на домашната и национална агенција е токму успех за сите нас. Со текот на времето сфаќаме дека е сѐ посилна“, изјави Акарџа.
Тој додаде дека со операцијата „Маслинова гранка“ на северниот дел на Сирија уште еднаш е потврдено колку е значаен проектот на Академијата за воено новинарство, кој го иницира АА.
„АА во моментот се наоѓа меѓу најголемите агенции во светот, немаме сомнеж дека таа ќе продолжи со своите успеси“, изјави Акарџа.
Поранешниот генерален директор на АА, Хилми Бенги, порача дека АА во текот на последната 98. година дала голем придонес во промоција на Република Турција, и дека низ објективноста и точноста во своите вести остварила голем напредок кога станува збор за агенциското новинарство.
Бенги потсети дека во 1960-тите години АА формирала фотосервис, а по проширувањето на приватните телевизии е формиран и видеосервис на оваа агенција.
„Ние денес сведочиме дека АА е стогодишна агенција која стои исправно, а тоа го успеа, благодарејќи на споспобноста да се обнови во согласност со времето.
Исто така, ние денес, кога зборуваме за АА, не зборуваме веќе за регионална или за национална, туку за светска агенција“, изјави Бенги.
Поранешниот генерален директор на АА, Кемал Озтурк, изјави дека верува оти АА ќе оствари успех и дека ќе стане една од петте најголеми светски агенции.
„Позицијата во која се наоѓа АА и нејзината цел за 2020 година, е цел која ѝ доликува на Турција. Со голема гордост во 2020 година ќе ја славиме 100-годишнината од постоењето на АА“, изјави Озтурк, и додаде: „Остана уште малку време - товарот на рамењата на вработените на АА е голем. Ние сме свесни дека тоа е голема обврска и преку нашите молитви ја пружаме нашата поддршка однадвор. АА е институција која секој во Турција ја доживува како своја и која ја гледа како наша заедничка вредност. Својата веродостојност не ја изгуби во текот на претходните 98 години. Ова е едно големо богатство, не смееме да го изгубиме.“
Озтурк истакна дека за понатамошниот напредок на АА е потребно да ги зајакне своите претставништва во странство, бидејќи, како што изјави тој, „...колку Агенцијата е поголема и поорганизирана во странство, толку Турција од тоа ќе има корист.“
Поранешниот генерален директор Атила Онук, исто така истакна дека АА во последните неколку години остварила значаен успех, првенствено преку своите претставништва надвор од Турција.
„Благодарение на вестите кои се однесуваат за настаните надвор од Турција, верувам дека АА ќе заземе свое место во самиот врв на светските агенции. Јас на тоа сакам да ѝ честитам“, порача Онук, потсетувајќи дека АА на најдобар начин ги пренесувала случувањата во врска со операциите „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“.
Тој изјави дека АА е новинска агенција основана со одлуката на Ататурк, за правилно и точно да бидат пренесени низ светот случувањата за време на војната за независност на Турција. АА и денес ја остварува целта која ја постави Ататурк.
Поранешниот генерален директор Мехмет Гулер, потсети дека оваа должност ја извршувал во период кога АА прославувала 75 години од основањето.
„Кога АА ќе наполни 100 години, уште еднаш на цела Турција и на светот ќе покаже дека станала една голема медиумска институција. Силно верувам во тоа“, изјави Гулер.
„АА одблиску го следеше технолошкиот развој во светот и денес е на многу завидно место. Како и во целиот свет, сѐ додека Агенцијата емитува точни и објективни вести, ќе се зголемува и бројот на нејзините корисници“, изјави Гулер.
Со оглед на тоа дека е професор на Универзитетот „Бахчешехир“, Гулер изјави дека студентите на Одделот за новинарство во значајна мерка ги користат вестите и материјалите кои ги произведува АА.