Tayfun Salcı
05 Април 2016•Ажурирај: 06 Април 2016
РЕЈКЈАВИК (AA) - Премиерот на Исланд Сигмундер Давид Гунлаугсон во вторник поднесе оставка откако претседателот на Исланд го одби неговото барање да ја распушти владата и Собранието и да распише нови избори поради аферата за офшор компанијата во рамките на "Panama Papers" во која е вклучен и премиерот, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Олафур Рагнар Гримсон, претходно во вторник рече дека првин сака да се консултира со другите партиски лидери во земјата.
Сепак, поради големиот притисок на домашната јавност, премиерот на Исланд денес поднесе оставка.
Неколку илјади граѓани во понеделник протестираа пред Собранието на Исланд, барајќи од премиерот Гунлаугсон да поднесе оставка.
Претходно, во јавноста беа пуштени податоци од финансиски документи според кои премиерот и неговата сопруга основале компанија на Британските острови со помош на адвокатска фирма од Панама.
Гунлаугсон е обвинет за конфликт на интереси по сознанието дека е вмешан во основање на компанија преку која наводно во текот на финансиската криза во Исланд 2007 година сокрил неколку милиони долари.
Сите обвиненија досега Гунлаугсон ги отфрли.
Гунлаугсон (41) од 2013 година се наоѓаше на позицијата на премиер на Исланд.
Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ), сподели повеќе од 11,5 милиони документи кои адвокатската канцеларија „Мосак Фонсека” ги чува 40-тина години и ги сподели со 80 издавачки куќи од различни земји. Во Испечатените документи во германскиот весник "Süddeutsche Zeitung" и англискиот "The Guardian" се наоѓаат и имињата на 12 претседатели, 143 политичари и голем број „оф-шор” фирми за кои се тврди дека служеле за избегнување на плаќање даноци и други нелегални активности за перење пари.
Овој, досега најголем проток на документи е наречен „Panama Papers“ (Документи од Панама).