Furkan Naci Top
04 Февруари 2018•Ажурирај: 05 Февруари 2018
АТИНА (АА) - Денес во Атина, главниот град на Грција, стотици илјади лица протестираа поради ‘проблемот со името’ којшто Грција го има со Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Демонстрантите се собраа во центарот на Атина, пред градскиот плоштад Синтагма во знак на протест за средбите меѓу владите на двете земји, протестирајќи поради обидот за изнаоѓање решение за ‘проблемот со името’, кое најверојатно ќе го содржи името „Македонија”.

Стотици автобуси од голем број места низ цела Грција пристигнаа во главниот град, а демонстрантите со грчки знамиња во рацете, носеа и плакати на кои, меѓу другото беше испишано и „Македонија е Грција, тргнете ја раката од Македонија”. Поддршка на протестот даде и грчката црква, а меѓу демонстрантите можеа да се забележат голем број свештеници и верски лица.
На протестот учествуваа голем број членови на политички партии, првенствено членови на екстремната десница „Златна зора”, потоа од Нова демократија, како и од владиниот коалициски партнер Независни Грци.
На плоштадот Синтагма, бината беше поставена под џиновско грчко знаме издигнато со помош на дигалка. Свое обраќање пред демонстрантите имаше и познатиот грчки писател и еден од симболите на борбата против хунтата, Микис Теодоракис.
Теодоракис смета дека грчката влада не треба да прифати ниту едно име во кое се споменува името „Македонија” и ја истакна потребата по тоа прашање да се организира референдум. „Сакаат со наш глас да станат членка на НАТО и ЕУ. Потоа нас, на еден многу помоќен начин да нè уценуваат. Доколку направиме чекор назад, последиците ќе бидат трагични”, рече Теодоракис.
За време на протестот, беа преземени големи безбедносни мерки во кои учествуваа околу 1000 полицајци. Поголемиот дел од улиците кои водеа кон центарот на Атина беа затворени со полициски автобуси. Полицијата соопшти дека на протестите учествувале околу 140 000 демонстранти, додека организаторите на протестот наведуваат дека на протестите учествувале повеќе од 1 милион демонстранти.
Од друга страна, во близина на центарот на градот, анархистите и левоориентираните групи организираа контрапротест.
- Поголемиот дел од грчката нација е против преговорите за името -
По формирањето на новата македонска влада, кон крајот на годината се забрзаа средбите во врска со проблемот околу името. На средбите, грчката влада истакна дека е можно постигнување на договор за единствено име кое ќе може да се користи и за внатрешна и за меѓународна комуникација, но таа има проблеми со убедувањето на одредени грчки опозициски партии и значителен дел од грчкиот народ.
Еден дел од грчкиот народ смета дека освен проблемот со името, постојат и историски и културни проблеми, обвинувајќи го раководството на Македонија дека се обидува да го украде „македонскиот идентитет”.
Премиерот на Р. Македонија Зоран Заев, по средбата со грчкиот премиер, Алексис Ципрас, во Давос, соопшти дека во знак на покажување на одлучноста за изнаоѓање решение, ќе бидат променети имињата на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје и автопатот кој го носи истото име.
Ципрас, кој раководи со грчката влада истакна дека во изнаоѓањето на решението за името кое трае повеќе од четврт век, ќе ги заштитува интересите на својата земја. Според изработените анкети, поголемиот дел од грчката популација не се согласува со јужниот сосед, Република Македонија да го користи името „Македонија” во новото решение за името.