Emre Gürkan Abay
30 Јули 2017•Ажурирај: 31 Јули 2017
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека бројот на американски дипломати во Русија ќе биде намален за 755, јавува Anadolu Agency (AA).
Путин за рускиот портал Vesti.ru говореше за барањето на руското Министерство за надворешни работи, упатено во петокот, кое се однесува на намалувањето на американските дипломати во таа земја.
Да потсетиме дека САД во Русија имаат над илјада дипломати.
„Ние се надевавме дека нашите односи со САД ќе се променат, но нема знаци дека ќе дојде до такво подобрување во блиска иднина“, рече Путин, кој укажа на големиот број американски дипломати кои ќе бидат разрешени од должноста во Русија.
Според него, бројот на американски дипломати ќе биде намален за 755.
„Така, бројот на американските дипломати во Русија ќе биде воедначен со бројот на руските дипломати во САД. Двете страни ќе имаат по 455 дипломати“, порача Путин.
Тој укажа и дека обемот на трговска размена меѓу Русија и САД е значитекно помал отколку со Кина или со Европската Унија (ЕУ).
„Во тек е разгледувањето за тоа дали ќе бидат преземени одредени мерки кога станува збор за економските односи. Но, и покрај големиот потенцијал, обемот на трговската размена меѓу двете земји е многу мал“, додаде Путин.
Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Русија, објавено во петокот, во согласност со очекуваните нови санкции кон Русија, се бара намалување на бројот на американски дипломати во Русија на 455, колку што има руски дипломати во САД.
Освен тоа, се очекува да не се користат складиштата ниту објектите во населбата Серебријани Бор, кои ги користи американската амбасада во Москва.