Besar Ademi
23 Јули 2018•Ажурирај: 24 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - Државниот министер за Европа во Министерството за надворешни работи на Германија, Михаел Рот, кој престојува во посета на Република Македонија, по средбата со министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, истакна дека Македонија има направено историски достигнувања и би било трагично доколку понатамошниот пат кон Европската Унија (ЕУ) биде спречен, јавува Anadolu Agency (АА).
Германскиот министер беше примен од страна на шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, кој по средбата во просториите на Министерството за надворешни работи се обрати на заедничка прес-конференција.

„Без решавање на прашањето за името, нема конкретна перспектива за ЕУ и НАТО. Сега е направен чекор во таа насока. Ова е голем успех, историско достигнување и ќе биде трагично ако понатамошниот пат кон ЕУ биде спречен, ако не постои подготвеност од оваа земја во врска со прашањето за ЕУ, Уставот и изборниот закон. Мора да постои конструктивна соработка. Владата има посебна одговорност за сето ова, но и опозицијата исто така е одговорна“, рече Рот.
Во меѓувреме, министерот Димитров запрашан од новинарите дали за успешен референдум за Договорот со Грција ќе бидат поддржани од страна на претставниците на европските институции, со нивно присуство во кампањата за референдумот, тој одговори потврдно, додавајќи дека ова прашање има повеќе геополитички импликации од решавање на само едно прашање, пред сè за Македонија и Грција, но и за Балканот и за Европа.

„Апсолутно очекувам и знам, веќе имаме и конкретни барања и разговори, затоа што прво живееме во време кога нема многу успеси, второ, зборуваме за прашање кое беше отворено 27 години, што беше тенк на нашата иднина, не влечеше упорно назад. Трето, во целата поддршка што недвосмислено стигна од Германија, од Велика Британија, од САД, институциите во Брисел, земјите од регионот; синтагмата беше дека ова е многу добра вест за двете земји, ова е крупна работа за Балканот, меѓутоа, ова нè направи горди што сме Европејци“, рече Димитров.
Шефот на македонската дипломатија повтори дека Македонија има историска можност за евроатлантска интеграција и истакна дека Македонија нема друг пат освен членството во НАТО и во ЕУ.
На средбата се разговараше и за последните активности во насока на реализација на приоритетите во надворешната политика на Македонија и следните чекори за целосно спроведување на Договорот постигнат за решавање на билатералниот спор за името со Грција.
Договорот постигнат со Грција предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија и претставува клучен услов за членство на земјата во НАТО и за отворање на преговорите со Европската Унија (ЕУ).