Bekim Laci
24 Јули 2018•Ажурирај: 25 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - Независниот синдикат на полицијата во Македонија кој брои 2.400 членови, бара да се признае како субјект што ги застапува вработените во полицијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на овој синдикат, Гоце Делчев Тодев, истакна дека Владата подготвува нов закон за работни односи и нов колективен договор, за кој тој нема да биде консултиран за условите, што може да резултира со дискриминирачки договор за вработените во полицијата коишто ги застапува.
Во изјава за медиумите пред зградата на Владата на Македонија, каде што дојде да го изрази револтот на Синдикатот, Тодев нагласи дека неговата организација е уморна од шетање по бирократските лавиринти, од едно министерство до друго, во неможност да се легитимира како организација за време на подготвувањето на колективниот договор.
„Бројот на членови кои плаќаат за членство е 2.400, тоа е бројот што ни го бараа пред неколку години, и го добивме, податоците се на наша страна, што нè прави легитимни и репрезентативни, и сега тие ќе потпишуваат колективни договори, а сакаме да влеземе во ЕУ, вака нема да може“, додаде Тодев.
Тодев истакна дека не сака да се повтори дискриминацијата на вработните во образованието, кои не се дел од Сојузот на независни синдикати на Македонија, бидејќи, според него, наставниците што се дел од овој синдикат поседуваат повеќе бенефиции од тие што не се зачленети.
Тодев побара средба со премиерот Зоран Заев, за да ги објасни, како што рече, аномалиите во работењето на неговите министри кои се надлежни за ова прашање.
„Законот вели, ако исполни Синдикатот цензус од 20 отсто, тогаш Министерството за труд и социјална политика или министерот каде што делува Синдикатот, има обврска да даде документ за репрезентативност, да го повика Синдикатот и да започне процес за колективно договарање“, истакна Тодев.
Тој додаде дека ако нивните забелешки не се земат предвид, од септември ќе излезат на улица за да го изразат нивниот револт.