Admir Fazlagic
01 Јуни 2017•Ажурирај: 01 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Откако вчера Собранието на Република Македонија ја изгласа новата Влада, преставници на различни земји од реигонот и светот упатија честитки по тој повод, пренесува Anadolu Agency (AA).
Стејт департментот на Соединетите Американски Држави (САД) и високите официјални претставници на Европската унија (ЕУ), Федерика Могерини и Јоханес Хан преку соопштение го честита формирањето на новата Влада на Република Македонија.
„Соединетите Американски Држави им честитаат на премиерот Зоран Заев и на мнозинството во Собранието на формирањето на новата Влада на Македонија. Како пријател и партнер на Македонија, САД ќе соработуваат со новата Влада во нејзината работа кон исполнување на Евро-Атланските аспирации со имплементирање на итните реформи, засилување на владеењето на правото, независноста на судството, слободата на медиумите и одговорноста на Владатa", се вели во соопштението објавено од американскиот Стејт Департмент.
Исто така, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, во заедничко соопштение го поздравија изборот на новата Влада на Република Македонија.
„Ние го поздравуваме гласањето за новата влада предводена од премиерот Зоран Заев. Европската унија е подготвена да ја поддржи работата што новата влада, како и опозицијата, ќе ја прават за конструктивно да се имплементираат сите делови од договорот Пржино и Итните реформски приоритети. Очекуваме сите парламентарни партии да ги остават нивните поделби настрана во моментов и од почеток да работат заеднички на доставување на заедничка реформска агенда која ќе биде од корист на земјата во целост. Ова е, исто така, од суштинско значење за да се врати земјата на својот пат кон европската интеграција, процес кој граѓаните јасно го сакаат и го заслужуваат ", се наведува во соопштението на високите претставници на ЕУ упатено по повод формирањето на новата Влада на Република Македонија.
Собранието на Република Македонија на синоќешната седница на која на дневниот ред беше изборот на Влада, во присуство на 111 пратеници, од кои 62 гласаа за, воздржани беа 5, а 44 беа против, беше избрана новата Влада на Република Македонија која ќе ја предводи Зоран Заев, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Во новата влада учествуваат претставници од три политички партии. Од редовите на СДСМ ќе има 17 министри, 6 од Демократската унија за интеграција (ДУИ) и две министерства ќе ги водат министри предложени од Алијансата на Албанците.