Betül Yürük
02 Јуни 2018•Ажурирај: 02 Јуни 2018
ЊУЈОРК (АА) - Советот за безбедност на Обединетите нации ја отфрли нацрт-резолуцијата на САД, која повикува на осуда на Хамас, кој Вашингтон го смета за одговорен за насилствотото во Газа, јавува Anadolu Agency (AA).
Нацрт-резолуцијата не беше прифатена откако не беше поддржана од најмалку девет членови на Советот за безбедност на ОН.
Било која резолуција за да биде прифатена, мора да биде поддржана од најмалку девет од 15 земји-членки на Советот за безбедност и ниту една од постојаните членки не стави вето.
Откако САД претходно во петокот стави вето на нацрт-резолуцијата на ОН која повикува на заштита на Палестинците, се премина на гласање за нацрт-резолуцијата која повикува на осуда на палестинското движење Хамас.
Нацртот беше поддржан само од САД, додека Русија, Кувајт и Боливија се спротивставија, а 11 земји останаа воздржани.
Нацрт-резолуцијата, која беше предложена од страна на САД, побара најостра осуда на ракетните напади од Газа кон Израел и кои предизвикуваат штета на цивилната инфраструктура.
Потсетуваме дека во петокот САД го спречија усвојувањето на нацрт-резолуцијата предложена од страна на Кувајт и за која речиси две недели траеа жестоки расправи.
Нацрт-резолуцијата беше поддржана од 10 земји, додека воздржани останаа Велика Британија, Полска, Холандија и Етиопија.
Во првобитниот предлог се бараше меѓународна заштита за палестинскиот народ, додека во неговата финална верзија беа побарани мерки со цел да се воспостави меѓународна заштита за палестинските цивили.