Emre Doğan
23 Јануари 2019•Ажурирај: 24 Јануари 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - ЕМРЕ ДОГАН -
Република Турција работи на отворање научна база на Антарктикот, а во рамките на овој важен проект светската рекордерка во слободно нуркање, Сахика Ерџуман, ќе нурка во длабочините на т.н. Бел континент, јавува Anadolu Agency (AA).
Турција пред четири години на Антарктикот го отвори првиот научен центар кој го водат научници од Техничкиот универзитет во Истанбул, а со отворањето на научната база Турција сака да влезе во самиот врв на меѓународната научна заедница.
Проектот се спроведува под покровителство на Кабинетот на турскиот претседател и под ингеренции на Министерството за индустрија и технологија.
Кон крајот на овој месец на Антарктикот патува третата турска научна мисија во чиј состав е и Сахика, која ќе мине десет дена на истражувачкиот брод.
Сахика во разговор со новинарот на АА истакна дека во научниот тим за мисијата на Антарктикот е вклучена на покана на ресорниот турски министер, Мустафа Варанк, кој таа понуда ѝ ја упатил откако во езерото Салда го собори светскиот рекорд во слободно нуркање.
„Со задоволство ја прифатив понудата да нуркам на најнеобичното место во светот. Веќе некое време истражуваме и се подготвуваме за овој потфат“, рече Сахика.
Истакнувајќи дека во рамките на напорните подготовки требало да ја зголеми количината на масти во телото за полесно да го поднесе екстремниот студ на Антарктикот, Сахика рече дека пливањето во ладно море, вежбите за дишење и аеробик на отворено биле главните сегменти на нејзините подготовки.

„Со нуркањето на Антарктикот ќе придонесеме во промоцијата на Турција и нејзиниот научен проект. Горда сум што сум дел од оваа важна мисија. Турција е набљудувач, а ќе стане советодавна членка на Антарктикот“, рече 34-годишната Сахика.
Антарктикот е најстудениот и најветровитиот континент со најмалку врнежи на Земјата и околината на Јужниот Пол. Според Меѓународниот антарктички договор од 1959 година со континентот управуваат две организации и тоа Научниот совет за антарктички истражувања (SCAR) и Советот на менаџери на националните антарктички програми (COMNAP).
Турција е потписник на Антарктичкиот договор, но без своја научна база имаше само статус на набљудувач на континентот, кој е предмет на бројни научни истражувања. Со отворањето на научна база Турција ќе добие статус на советодавна земја и ќе стане дел од механизмот кој одлучува за Антарктикот.
Во врска со плановите за нуркање на Антарктикот, Сахика за АА истакна дека планира да реализира пократки сесии на нуркање, со цел да го избегне ризикот од хипотермија бидејќи температурата на воздухот во тоа подрачје достигнува и - 40 степени Целзиусови.
„Планот е во овие екстремни услови да нуркам во сесии со траење меѓу 20 и 30 минути. Телото не би можело да издржи подолго под вода. Тоа нема да биде нуркање на големи длабочини. Под вода нè чекаат китови, пингвини, ајкули, фоки и други животни кои никогаш не сретнале луѓе. Не знаеме како ќе реагираат и нам не ни е целта да ги вознемируваме. Затоа прво ќе изведуваме пократни нуркања, со цел адаптација“, рече Сахика.
Истакнувајќи дека е возбудена што ќе стане еден од ретките спортисти што нуркаат без боца со кислород на Антарктикот, Сахика рече дека за предизвик го смета и тоа што еден месец ќе мине во екстремните услови на природата, без интернет и мобилен телефон.
Сопственичката на девет светски рекорди во слободно нуркање потенцираше дека мисијата на Антарктикот е нова авантура и предизвик за неа.