АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) постојано се мешале во домашната политика на Венецуела, пренесува Anadolu Agency (AA).
„САД и некои латински земји постојано се мешаа во внатрешните работи на Венецуела“, изјави Чавушоглу во интервју за новинскиот канал „A Haber“.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера го призна опозицискиот лидер на Венецуела, Хуан Гуаидо, за привремен претседател на оваа земја, во екот на ескалацијата меѓу Вашингтон и венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
Чавушоглу рече дека е многу чудно што лидерот на Националното собрание на Венецуела самиот се прогласил за привремен претседател, и покрај тоа што земјата веќе има избрано претседател.
Мадуро ја критикуваше одлуката и изјави дека неговата земја ги прекинува сите дипломатски односи со САД, при што им даде на американските дипломати рок од 72 часа да ја напуштат земјата.
Мадуро се обрати вчера пред своите поддржувачи кои се собраа пред претседателската палата во главниот град на оваа земја, Каракас.
Заедно со САД, опозицијата на Венецуела во преземањето на власта ја поддржаа и Бразил, Организацијата на американски земји, Аргентина, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Еквадор, Гватемала, Панама и Парагвај, додека Боливија и Мексико продолжуваат да го поддржуваат Мадуро.
Протестите во Венецуела започнаа на 10 јануари, кога Мадуро положи заклетва за неговиот втор мандат на функцијата шеф на државата.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган утринава изрази солидарност со Мадуро, откако Вашингтон го призна Гуаидо за привремен претседател.