Ekipa
03 Мај 2017•Ажурирај: 04 Мај 2017
АСТАНА (АА) - Делегацијата на воената опозиција го одложи своето учество на првиот ден од преговорите за Сирија, кои се одржуваат во Астана, главниот град на Казахстан, како реакција на извршените воздушни напади во Хама и Дера, од страна на Русија, како и против тешките услови што Русија ги нуди во преговорите, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставниците од делегацијата на воената опозиција учествуваа на четвртиот круг од преговорите за Сирија во Астана, но кога го добиле документот што ги содржел препораките, ја напуштиле средбата.
Во изјава за АА, опозициските извори истакнаа дека се неприфатливи извршените воздушни напади во сириските градови Хама и Дера од страна на Русија.
Опозициските извори посочија дека воздушните напади продолжуваат и за време на преговорите во Астана, каде што дошле за да дискутираат во врска со прекинувањето на судирите, и ја критикуваа Русија дека не покажува добра волја.
Опозициските извори нагласија дека условите понудени на средбата од страна на Русија се многу тешки, и соопштија дека поради сите овие причини, привремено го одложуваат своето учество на преговорите.
На дводневните преговори во Астана, турската делегација е предводена од страна на заменик-секретарот на Министерството за надворешни работи, Седат Онал, руската делегација е предводена од страна на специјалниот претставник на рускиот претседател Владимир Путин за Сирија, Александар Лаврентиев, делегацијата на Иран е предводена од страна на заменик-министерот за надворешни работи, Хусеин Џабири Енсари, додека делегацијата на сириската воена опозиција е предводена од страна на Мухамед Алуш. Асадовиот режим е претставуван од страна на Бешар Џафери.
На преговорите учествуваат и специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура, советникот на министерт за надворешни работи на Јордан, Наваф Васфи Тел, како и заменик-министерот од Стејт департментот на САД одговорен за прашањата околу Блискиот Исток, Стјуард Џонсон.
Примирјето меѓу завојуваните страни во Сирија стапи на сила на 30 декември 2016 година, при што Турција и Русија беа земји-гаранти. По прекршувањето на примирјето од страна на Асадовиот режим, на 23-24 јануари во Астана беше одржана средба под водство на Турција и Русија.
Со цел да се зајакне примирјето, делегациите на Турција, Русија, Иран, ОН, сириската опозиција и режимот се договарија да се формира троен механизам за следење на примирјето.
На средбата одржана на 6 февруари, на којашто учествуваа само земјите-гаранти, беа дискутирани техничките детали во врска со механизмот за следење на примирјето. Втората средба во Астана се одржа на 15-16 февруари, а третата средба се одржа на 14-15 март. На оваа средба, освен Турција и Русија, договорено е и Иран да биде земја-гарант.
Воената опозиција одлучи да не учествува на третата средба во Астана поради интензивните прекршувања на примирјето од страна на силите на режимот, за кого Русија е земја-гарант.