Mahmoud Barakat
08 Септември 2018•Ажурирај: 08 Септември 2018
ИДЛИБ (АА) - Петмина цивили загинаа, а седуммина се повредени во воздушните напади на силите на сирискиот режим и руските авиони во сириската северозападна покраина Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во воздушните напади утринава животот го загубија петмина цивили, од кои четири од селото Абдин и еден од населеното место Ал Хулуба“, изјави за АА Мустафа Хаџ Јусуф, раководител на цивилната заштита во Идлиб, „Бели шлемови“.
Според локални извори, цел на нападите биле селата Хбит, Сарџа, Хувајан и Ал Хулуба во Идлиб и селото Ал Латамина во северната покраина Хама.
Според „Белите шлемови“, од почетокот на овој месец во нападите на режимските сили и руските авиони во Идлиб и Хама загинале најмалку 26 цивили.
Сирискиот режим неодамна објави план за започнување голема воена офанзива во областа која долго време е под контрола на разни вооружени опозициски групи.
Претходно неделава ОН предупредија дека таква офанзива ќе ја предизвика најголемата хуманитарна катастрофа во 21 век.
На трилатералниот самит на лидерите на Турција, Русија и Иран во петокот беше потенцирано дека не може да има воено решение за конфликтот во Сирија и се упати повик за забрзување на политичкиот процес за постигнување договорно решение.
Идлиб е сириска покраина која важи како најголемо упориште и енклава на сириската опозиција. Речиси четири милиони жители на тоа подрачје извесен период стравуваат дека силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад може да отпочнат нови напади.
Станува збор за подрачје од стратешко значење во кое евентуални нови судири би предизвикале нов бран бегалци кон Турција и Европа. Со Договорот од Астана од 2017 година, подрачјето беше прогласено за зона без судири, но и покрај тоа е цел на воздушните напади на сирискиот режим, а повремено и од руските сили.