Erbil Başay
08 Септември 2018•Ажурирај: 09 Септември 2018
БЕРЛИН (АА) - Министерот за надворешни работи на Германија, Хеико Мас, изјави дека на сите земји членки им е јасно колку важен стратешки партнер за Европската Унија (ЕУ) е Анкара, пренесува Anadolu Agency (AA).
Мас во интервју за дневниот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ („Frankfurtr Allgemaine Zeitung“) изјави дека Турција е заинтересирана за поправање на односите со ЕУ, и дека неговата посета на Турција била една почетна точка во таа насока.
На прашањето дали Брисел е заинтересиран за тоа Турција да оствари нов напредок во преговорите за членство во ЕУ, Мас кажа дека тоа зависи од Турција.
„На сите земји членки им е јасно колку значаен стратешки партнер е Анкара за ЕУ“, порача Мас.
Тој, исто така, нагласи дека со Турција треба повторно да се водат конструктивни преговори и дека моментално во преговорите се актуелни и други теми, како што е Сирија.
Мас нагласи дека го загрижуваат случувањата во Сирија кои се однесуваат на иднината на населението во оваа земја. Како што рече, Русија на тој план е примарен фактор, но нагласи дека и Турција би можела да одигра многу значајна улога.
Германскиот министер на крајот истакна дека е жален фактот што не можат да се спречат хуманитарните катастрофи во Сирија, како и дека се вложуваат големи дипломатски напори со цел во Идлиб да не дојде до нова катастрофа.