Salim Taş
27 Декември 2016•Ажурирај: 28 Декември 2016
ИДЛИБ (АА) - Голем број Сиријци евакуирани од источниот дел на Алепо го продолжија животот во шатори во Идлиб. Евакуираните цивили од Алепо се сместени во Харам, место што припаѓа на гувернатот Идлиб. Со помошта којашто во поголем дел доаѓа од Турција, евакуираните настојуваат да опстанат во услови што се далеку од идеални, јавува Anadolu Agency (AA).
Сиријците во зимските денови престојуваат во шатори во кои нема инсталација за електрична енергија ниту вода, а се обидуваат да се згреат палејќи ги собраните парчиња дрво или отпад. На улиците може да се забележат деца без чевли, кои на студот си играат по калливите патишта. Во 70-те шатори на кампот живеат 300 жители од Алепо.
„Луѓето што живеат во шатори имаат потреба од кревети, покривки, огрев. Тука е ладно. Нема зимска облека. Потребни се лекови. На децата имаат потреба од млеко, пелени и настава“, истакнува Газе Везир, од управата на кампот.
Во согласност со сопствените можности, Сафа Ибрахим (28) подигна шатор во Харам, во кој живее со двете деца. Вели дека во бомбардирањето на режимските сили пред пет години го загубила сопругот, а куќата им е уништена. По смртта на сопругот останала со двете деца, кои тогаш биле на возраст од една и две години.
„Во Идлиб пристигнавме откако започна евакуацијата од Алепо. Му благодариме на Бога што децата и јас сме живи и што сме повторно заедно. Сепак, условите во шаторите во кои живееме се тешки. Чекаме помош“, изјави самохраната мајка.
Шихле Химде (65) во шаторот живее со својот сопруг. Вели дека е особено ладно кога времето е дождливо и ветровито. Истакнува дека не бараат многу, само да облечат нешто и парче леб.
Нур Али (27), мајка на две деца изјави дека никој освен Турција не му помогнал на народот во Сирија.
„Многу работи недостасуваат во кампот. Потребна е вода, храна и облека. Ситуацијата е лоша, но Господ е голем“, изјави Али.
Јасин Хамис (75) живее во два шатора со 14-членото семејство. Многу работи им се потребни, но тој особено истакна дека им се потребни храна, облека, пијалаци, млеко и храна за децата, како и пелени. Хамис вели дека децата се разболеле на ладното време.
„Сакаме помош колку да преживееме. Немаме вода, леб и работа. Да имавме работа, ќе работевме и ќе се грижевме сами за семејството, но немаме можности за тоа. Тука сме на граница помеѓу животот и смртта“, истакна Хамис, кој повика да им се помогне.