Ekipa
04 Декември 2016•Ажурирај: 05 Декември 2016
АЛЕПО (АА) - Во нападите од 15 ноември, кои во источниот дел на Алепо ги изведуваат силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад и нивните поддржувачи загинаа 758 луѓе, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставникот од Цивилната заштита на Алепо Бабирис Мишал, истакна дека од саботата вечер бројот на загинати цивили во бомбардирањата на режимските сили се зголеми од 739 на 758.
Режимските сили и шиитската милиција веќе 19 дена изведуваат напади од воздух и од копно врз населени места во источниот дел на Алепо, кои се наоѓаат под контрола на опозицијата. Опозицијата претходно имаше контрола на територија од 45 километри квадратни, а сега контролира подрачје од 25 километри квадратни.
Руската страна тврди дека тие не учествуваат во воздушните напади врз Алепо.
Најновите напади на припадниците на сирискиот режим и нивните приврзаници се најинтензивните напади од крајот на 2011 година, од кога трае војната во Сирија.
Командантот на Слободната сириска армија, Мухамед Шеик за АА истакна дека силите на опозицијата вчера морале да се повлечат од населените места Карам Тараб, Џезмети, Халваније и дел од населбата Тарик ал-Баб.
Стотина илјади цивили моментално се наоѓаат на подрачје од 25 километри квадратни, а многумина од нив бараат начин да пребегаат во побезбедни подрачја.
Според податоците добиени од страна на екипите на Цивилната заштита, поради тоа што не било можно да го напуштат подрачјето на судирите, 35.000 луѓе во Источно Алепо се наоѓаат на територија заземена од страна на режимските сили и сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, ПЈД.
Алепо е втор по големина град во Сирија. Центарот на градот е оддалечен 40 километри од границата со Турција. Западниот дел од центарот на Алепо го контролира режимот, а источниот дел опозицијата.
Податоци од Дирекцијата за здравство во Алепо покажуваат дека населението веќе 101 ден нема можност да ги задоволи своите основни хуманитарни потреби. Веќе три недели во градот не работаат болниците, медицинските центри, пекарите, училиштата ...