Ekipa
31 Декември 2017•Ажурирај: 01 Јануари 2018
ИДЛИБ (АА) - ЕШРЕФ МУСА/БУРАК КАРАЏАОГЛУ -
Илјадници семејства бегаат од терористичката организација ДЕАШ и режимот на Башар ал- Асад во Сирија во камповите во северниот дел на Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Интензивните судири и воздушните напади во северните рурални подрачја на Хама и јужното подрачје на Идлиб, предизвикаа голем број цивили да мигрираат во бегалските кампови во северниот рурален регион на Идлиб, во близина на границата со Турција.
Терористичката организација ДЕАШ во октомври ја презеде контролата на десетици подрачја во источниот рурален регион на Хама кои беа под контрола на опозицијата и на антирежимските групи. ДЕАШ премина во североисточното рурално подрачје на Хама, каде што влезе во интензивни судири со опозицијата во ова подрачје.
Според информациите добиени од извори во подрачјето, илјадници семејства се засолниле во Синџар и околината поради судирите.
Откако во последните 10 дена силите на режимот и неговите поддржувачи вршат интензивни воздушни напади во Синџар и околината, околу 6.500 семејства беа принудени да се засолнат во бегалските кампови во Идлиб.
- „Луѓето избегаа без ништо“ -
Хаџ Абуд од источниот дел на Хама, во изјава за АА истакна дека во четвртокот пристингал во кампот Атме заедно со неговото семејство.
Тој кажа дека биле принудени да ги напуштат своите домови поради терористичката организација ДЕАШ и поради режимот.
„Луѓето избегаа во страв без да земат нешто со нив. Се засолнаа во подрачјето на Синџар во јужното рурално подрачје на Идлиб“, рече тој истакнувајќи дека откако ДЕАШ ја презела контролата во подрачјето, илјадници семејства од околу 120 села го напуштиле подрачјето.
„Дојдовме во кампот Атме кој го сметаме за побезбеден од Синџар. Најмалку 300 семејства се засолнети на место со површина од два хектара. Секој ден доаѓаат нови луѓе. Нема шатори. И да има, нема слободно место“, вели Хаџ Абуд.
- Расте проблемот со затоплувањето во камповите -
Мухамед Ел Џасим од источна Хама нагласи дека имаат проблем со затоплувањето во камповите поради студеното време.
„Луѓето ги палат своите стари алишта за да се затоплат старите лица, децата и бремените жени во камповите. Проблемот со затоплувањето се претвори во трагедија“, додаде тој.
Халеф, таткото на Мухамед Ел Џесим, обраќајќи им се на хуманитарните организации истакна: „Велат дека по нова година ќе има врнежи од снег. Имаме потреба од шатори, дрва, јаглен, шпорети и нафта“.