Şerife Çetin
04 Декември 2017•Ажурирај: 04 Декември 2017
БРИСЕЛ (АА) - Состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО ќе се одржи во Брисел на 5 и 6 декември, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека фокусот на состанокот ќе биде соработката со Европската Унија (ЕУ), Северна Кореја, борбата против тероризмот, политиката на отворени врати како и односите со Грузија.
Столтенберг, овој состанок го нарече подготовка за Самитот на НАТО кој ќе се одржи во Брисел следната година.
На првиот ден од состанокот ќе се разговара за соработката на НАТО и ЕУ, како и за одредени безбедносни прашања. Се очекува на состанокот да присуствува високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, и министрите за надворешни работи на Финска и Шведска.
Генералниот секретар на НАТО истакна дека имаат намера да ја интензивираат соработката со ЕУ на неколку полиња, а едно од нив е борбата против тероризмот.
Столтенберг рече дека ЕУ и НАТО ја зајакнале соработката кога станува збор за борбата против кибер нападите и хибридните закани.
Тој додаде дека една од темите ќе биде и случувањата околу Северна Кореја.
„Како во минатото, така и денес нашата безбедност е поврзана со случувањата во Источна Азија. Интерконтиненталната ракета која беше лансирана од Северна Кореја минатата недела покажа дека сите наши сојузници се на домет. Целиот свет треба да примени максимален притисок врз Северна Кореја“, смета Столтенберг.
Тој, исто така додаде дека НАТО може да одговори на сите напади.
Столтенберг нагласи дека на вториот ден од состанокот ќе се разговара, меѓу другото, и за борбата против тероризмот и потсети дека во Авганистан ќе бидат испратени дополнителни три илјади војници.
Столтенберг, во рамките на борбата против тероризмот најави зајакнување на соработката со одредени земји, меѓу кои се Јордан и Тунис. Исто така додаде дека ќе се продолжи со пружањето поддршка на меѓународната коалиција која се бори против терористичката организација ДЕАШ.
Како што рече, ќе се разговара и за односите со Грузија, а фокус ќе биде ставен и на безбедноста во Црното Море.
Генералниот секретар истакна дека тема ќе биде и политиката на отворени врати.
Според него, сите земји кои ќе остварат напредок во областа на реформите и модернизацијата можат да бидат членки на Сојузот, а како пример ја наведе Црна Гора.
Столтенберг истакна дека Србија е независна и суверена држава која веќе претходно јасно покажала дека не сака членство во НАТО. Тој додаде дека Сојузот ќе продолжи да ја поддржува таа земја на патот кон ЕУ.