Ivana Ramadanova
13 Април 2016•Ажурирај: 14 Април 2016
СКОПЈЕ - Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски, во текот на вчерашниот ден во Лондон оствари официјална средба со началникот на Генералштабот на Армијата на Обединетото Кралство, генерал Сер Николас Патрик Картер, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Канцеларијата за односи со јавноста на ГШ на АРМ велат дека на средбата се разговарало за мигрантската криза и безбедносните закани за земјите од Југоисточна Европа, можностите за продлабочување на билатералната соработка преку изведување на заедничка обука и користење на капацитетите на АРМ (АП Криволак), евентуално заедничко учество во меѓународните мисии под знамето на ООН и друго.
Генералот Величковски искажал благодарност за логистичката поддршка која ја обезбедуваше ОК на нашиот контингент за време на заедничкото учество во мировната мисија „ИСАФ“, „во која имавме единствена можност да ги претставиме нашите вооружени сили и нашата земја како сигурен и доверлив партнер, како и за овозможените школувања на офицери од АРМ на Воените академии во ОК и Академијата за обука во Вишков, Република Полска”, се вели во соопштението.
Од страна на генерал Сер Николас Патрик Картер, била искажана благодарност за придонесот која АРМ ја дава во мисиите за поддршка на мирот предводени од НАТО и улогата во справувањето со мигрантската криза.
Генералот Величковски остварил средба и со Амбасадорот на Република Македонија во Велика Британија, Јован Донев на која разговарале за актуелната безбедносна ситуација и за претстојниот Самит на НАТО во Варшава.