Husameddin Gina
17 Декември 2018•Ажурирај: 18 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со европратеникот Стељос Кулоглу и со добитничката на Нобеловата награда за мир за 2015 година, Видет Бушамауи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Џафери ја поздрави причината и целта на нивната посета, која се остварува во вистински момент кога во Собранието на Република Македонија се во тек активностите за заокружување на започнатите процеси за евроатлантска интеграција на земјата, осносно номинацијата на премиерите Заев и Ципрас за Нобеловата награда за мир.
Во соопштението од Кабинетот на претседателот на Собранието на РМ се вели дека Џафери истакнал дека и покрај одличните економски односи меѓу двете земји, со оглед на фактот што Република Грција е четврти најголем инвеститор во Република Македонија, сепак отворените политички прашања негативно се одразиле на политичките билатерални односи досега и тоа само докажало дека отворените прашања, доколку се остават нерешени подолг период, генерираат пречки.
Добитничката на Нобеловата награда за мир за 2015 година, Видет Бушамауи, изразила поддршка за мирот, стабилноста и безбедноста и ги пофалила напорите на двете страни за избегнување конфликти и за изнаоѓање мирно решение на отворените прашања.
„Бушамауи ја потенцираше важноста двата парламенти да ги завршат започнатите активности, бидејќи овој модел е високо ценет од меѓународната заедница и истиот треба да служи како инспиративна лекција за целиот регион“, се вели во соопштението од Кабинетот на Џафери.
Од друга страна, европратеникот Стељос Кулоглу ја повторил поддршката на сите политички партии во Европскиот парламент за Договорот од Преспа, за којшто нагласил дека била потребна политичка храброст и покрај блокадите во двете држави од одредени политички партии.
Тој на средбата во однос на ратификацијата на Договорот од Преспа од страна на грчкиот Парламент потенцирал дека процедурата ќе биде завршена во рок од неколку дена, веднаш по завршувањето на процедурата во Собранието на Република Македонија, со што ќе може да се деблокираат процесите за евроатлантска интеграција на земјата.