Yusuf Hatip
12 Февруари 2019•Ажурирај: 13 Февруари 2019
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја поздрави соработката помеѓу САД и Русија, која ја спроведуваат на северниот дел на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Столтенберг зборуваше на прес-конференцијата во Брисел пред утрешниот состанок на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО, а во оваа пригода изјави дека Турција е многу значаен партнер во борбата против тероризмот.
„Со задоволство ја поздравувам соработката на САД и Турција на северниот дел на Сирија. САД и Турција, за време на билатералните состаноци на маргините на НАТО претходно разговараа за соработката во Сирија. Очекуваме дека такви разговори ќе има и за време на утрешниот состанок“, изјави Столтенберг.
Зборувајќи за американската одлука да се повлечат од Договорот за елиминација на нуклеарните проектили од краток и среден дострел (INF), Столтенберг изјави дека го поддржува ваквиот чекор на САД, а истовремено ја обвини Русија за кршење на споменатиот договор.
Тој додаде дека пред САД е рок од шест месеци да се повлечат од Договорот и дека тоа било последна шанса за Русија. Столтенберг изјави дека за време на состанокот на министрите за одбрана ќе се зборува за тоа какви мерки би можеле да се преземат против Русија.
Освен за Договорот за елиминација на нуклеарните проектили од краток и среден дострел, Столтенберг додаде дека за време на утрешниот состанок на министрите за одбрана на НАТО ќе се зборува и за Авганистан, Ирак и за ситуацијата околу мисијата на НАТО на Косово, соработката на НАТО и Европската Унија (ЕУ) и за трошоците на сојузниците во областа на одбраната.
На состанокот на министрите за одбрана на НАТО по првпат свој претставник ќе има и Република Македонија, чиј протокол за пристап кон НАТО е потпишан пред неколку дена. Оваа земја на состанокот ќе ја претставува министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.