Ruslan Rehimov
02 Април 2016•Ажурирај: 03 Април 2016
БАКУ (АА) - Азербејџанските вооружени сили соопштија дека во текот на судирите со ерменската војска во пограничниот регион на Нагорно-Карабах, кој изби претходната ноќ, смртно настрадаа 12 азербејџански војници и дека азербејџанската војска успеа да ја поврати контролата на неколку стратешки позиции, кои претходно ги држеше Ерменија, јавува Anadolu Agency (AA).
Рускиот претседател, Владимир Путин, повика на прекин на судирите помеѓу Ерменија и Азербејџан во регионот на Нагорно-Карабах.
„Претседателот Путин изрази загриженост поради повторните судири помеѓу Ерменија и Азербејџан и повика на итен состанок”, изјави гласноговорникот на Кабинетот на претседателот на Русија, Дмитри Песков.
Од министерството за одбрана на Азербејџан соопштено е дека ерменската војска со топови, минофрлачи од 82 и 120 милиметри и други тешка артилерија ги гаѓала нивните позиции и населени подрачја, на што војската на Азербејџан возвратила.
Медиумите јавуваат дека едно лице загинало а едно е рането, откако гранатата испалена од ерменските сили паднала во дворот на една куќа во регионот Тертер.
Азербејџанското Министерство за одбрана наведе дека состојбата на граничниот појас е влошена и дека во регионите Агдере, Тертер, Агдам, Хоџавенд и Фузули продолжуват жестоките судири.
Нагорно Карабах е регион во Азербејџан, кој на 6-ти јануари 1992 година прогласи независност. Поголемиот дел од населението се Ерменци, кои сметаат дека регионот треба да биде дел од Ерменија. Регионот е под контрола на ерменската армија и сепаратистите од ерменско-азербејџанската војна, која заврши во 1994 година, а во која загинаа 30.000 луѓе.
Годините на преговорите донесоа мал напредок во решавањето на спорот на поранешните членки на Советскиот Сојуз. Во текот на последните 20 години сè почесто се случуваат конфликти.