Besar Ademi
16 Јануари 2017•Ажурирај: 17 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во просториите на Стопанската комора на Македонија се одржа конференција на тема „Арбитражата како брзо и ефикасно решавање на спорови меѓу деловните субјекти“, во која се промовираше работата на Постојаниот избран суд – Арбитража, при Стопанската комора на Македонија, како и можностите и значењето на оваа институција, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Постојаниот избран суд – Арбитража, Горан Рафајловски, изјави дека судот на Република Македонија е преоптоварен и поради тоа не е на задоволително ниво за економијата, така што, според него, арбитражата како алтернатива ќе придонесе за зголемување на нивото, квалитетот и брзината, кои се основа за секој претприемач во решавањето на споровите.
„Нашите податоци укажуваат на тоа дека тргнуваме напред, чекориме сериозно, а бројките на нашите соседи ни даваат надеж дека има голема можност да постигнеме многу повеќе. Ако ја споменам една Романија, која се развива со неверојатни чекори, има веќе 1.600 арбитражни спорови, годишно, значи дели половина/половина со судството. Нашата примарна желба е да имаме 10 проценти од споровите што излегуваат во судството, значи доколку имаме 700 во текот на годината подготвени сме да решиме 70 случаи во можен рок“ изјави Рафајловски.
Како што најави Рафајловски, во 2016 година на Арбитражниот суд имало десет случаи на спорови меѓу деловни субјекти, од кои осум се веќе решени, а во два случаја процесот е во тек. Тој додаде дека решавањето на споровите трае од 6 до 9 месеци и се спроведува во согласност со правилата и законските норми кои се признати од страна на сите арбитражи во светот и во Македонија.
Постојаниот избран суд – Арбитража, при Стопанската комора на Македонија е независно тело основано согласно Законот за стопанските комори и Статутот на Стопанската комора на Македонија. Оваа институција е одговорна за решавање на деловните спорови меѓу членовите на Комората, членовите на Комората и трети лица, и меѓу други правни лица од земјата и од странство, ако страните се договорат за овластувањата на овој суд.
Како институција одговорна за арбитража на внатрешни спорови и недоразбирања со меѓународен елемент, Постојаниот избран суд – Арбитража функционира од 1993 година. Одлуките на овој суд се конечни и имаат сила на правосилна пресуда, а судот исто така одлуките ги донесува побрзо во споредба со редовна судска постапка во државата.
Инаку, Арбитражата при Стопанската комора на Македонија има потпишано договор за соработка со арбитражите при Стопанските комори на Словенија, Хрватска, Бугарија, Украина, Руската Федерација, Србија, Црна Гора и на Косово.