Hakan Ceyhan Aydoğan
17 Јануари 2017•Ажурирај: 18 Јануари 2017
МОСКВА (АА) – Рускиот претседател Владимир Путин обвини дека Барак Обама му го поткопува легитимитетот на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, јавува Anadolu Agency (AA).
По средбата во Москва со претседателот на Молдавија, Игор Додон, тие одржаа заедничка прес-конференција на која Путин изјави: „И покрај тоа што изборите завршија со победа на Трамп, сѐ уште е очигледна политичката борба што продолжува. Една од целите на оваа борба е да му се поткопа легитимитетот на новоизбраниот претседател. Другата цел е да му се врзат рацете на Трамп во остварувањето на дадените ветувањата за внатрешната и надворешната политика на САД“.
Путин истакна дека со ова противниците на Трамп им наштетуваат на интересите на САД. „Ми се чини дека тие што се обидуваат да го направат тоа, се подготвени да отворат ’простор’ во Вашингтон, со цел Трамп да не дојде на функцијата. Некои луѓе си заминуваат збогувајќи се, други пак и покрај тоа што се збогуваат, не заминуваат. Администрацијата на Обама спаѓа во вторите“, додаде Путин.
Во врска со информациите што излегоа во јавноста, дека руската разузнавачка служба поседува досие за Трамп и дека руските хакери се обиделе да интервенираат во изборите, Путин рече: „Не го познавам Трамп. Со него се немам сретнато. Не знам што би направил на меѓународно ниво. Поради ова, немам причина да го штитам или пак да го критикувам. Ова се лажни вести. Кога дојде во Москва, Трамп не беше политички актер. Нашите разузнавачки служби не се впуштаат по секој богат Американец. Се зборува дека кога Трамп дошол во Москва, спиел со проститутки. Се работи за возрасен човек. Низа години ги водеше натпреварите за убавина и зборуваше со најубавите жени во светот. Не верувам дека при посетата на Москва во неговата хотелска соба се сретнал со проститутки“.
Путин додаде дека оние што инфилтрираат вакви измислени вести во јавноста, немаат морална одговорност.
- Односите Русија – Молдавија
Путин рече дека Молдавија е еден од најважните партнери од поранешниот советски простор и нагласи оти го поддржуваат суверинитетот, територијалниот интегритет и неутралниот статус на државата.
„Треба да се најде решение коешто во рамките на меѓународното право ќе биде прифатено од двете страни. Русија е подготвена да биде медијатор и гарант во врска со Приднестровие (позната и како Трансднестар)“, заклучи Путин.