Ekip?
10 Декември 2018•Ажурирај: 11 Декември 2018
ДАХУК (АА) - Терористичката организација ПКК која е вгнездена во подрачјето на ирачки Синџар, во околината на Мосул, продолжува присилно да ги вооружува децата Језиди, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на арапските племиња во Мосул, Музахим Ахмет ал Хувејси, за АА зборуваше во врска со активностите, камповите и бројноста на ПКК во подрачјето на Синџар.
Посочувајќи дека оваа терористичка организација со присила ги вооружува децата уште од мала возраст, Хувејси истакна: „Терористичката организација ПКК киднапираше над 100 деца, кои подоцна со присила ги вооружи. Овие деца, по обуката во Синџар, се испраќаат во Сирија, каде што се приклучуваат во редовите на ЈПГ/ПКК. Децата им припаѓаат на различни етнички заедници од Синџар и Мосул.
- „ПКК има 5 кампа во Синџар“ -
Информирајќи дека во тоа подрачје организацијата ископала повеќе од 150 тунели, Хувејси нагласи дека тунелите се користат како магацини за тешко и лесно вооружување.
„Овие тунели се наоѓаат на планината Синџар. Во тунелите коишто се користат како магацини, сместено е тешко и лесно вооружување. Освен тоа, овие канали се користат и како скривалишта во случај на напади.“
Во врска со бројноста на тероритите на ПКК во Синџар, Хувејси рече:
„ПКК во Синџар има 5 кампа. Во секој камп има околу 1.000 милитанти. Тоа значи дека ПКК има околу 5.000 милитанти во подрачјето. Има и на стотици милитанти и симпатизери кои не се заведени“.
- „Се согласуваме околу интервенцијата на Турција“ -
Говорејќи дека од Турција е побарана поддршка за расчистување на подрачјето од заканата што ја претставува ПКК, Хувејси истакна: „Ние, како лидери на арапските племиња во Мосул, со цел да се стави крај на активностите на ПКК во подрачјето, во потполност се согласуваме по прашањето за интервенцијата на Турција“.
Велејќи дека терористите постојано се движат на просторот меѓу Синџар и Сирија, Хувејси нагласува дека во пограничното подрачје се врши трговија со воена опрема, а преку контролните точки што организацијата ги постави во подрачјето изнудува финансиски средства.
- Стационирањето на ПКК во Синџар -
Терористичката организација ПКК, за време на нападот што ДЕАШ го изведе во Синџар на 3 август 2014 година, под изговор дека ги заштитува Језидите, се стационира во подрачјето, доаѓајќи од Сирија и од Кандил во северен Ирак.
Иако подрачјето на Синџар сега е исчистено од ДЕАШ, терористичката ПКК следи политика на експанзија во регионот.
Централната ирачка власт во октомври 2017 година започна воени операции во спорните подрачја, воспоставувајќи контрола врз повеќе места, почнувајќи од Синџар.
Откако Синџар премина под контрола на раководството од Багдад, во март 2018 година ПКК тврдеше дека се повлекла од подрачјето, а ирачката Војска се сместила во камповите испразнети од терористичката организација. Меѓутоа, спротивно на тврдењата, ПКК продолжува со политиката на експанзија во регионот.