Dilara Zengin
11 Февруари 2019•Ажурирај: 12 Февруари 2019
АНТАРКТИК (AA) - Материјалот скриен во замрзнатите пространства на Антарктикот може да го унапредат познавањето за пространствата на планетата Марс, истакна турска научничка кој собира примероци што ќе му помогнат во разбирањето на таа планета.
„Собраните примероци ќе бидат предмет на хемиска анализа во Гео-микробиолошката лабораторија за геолошки инженеринг при Техничкиот универзитет во Истанбул, каде што може да се добијат подетални податоци“, истакна за Anadolu Agency (AA) Јагмур Ѓунеш, професорка по геолошки инженеринг на Техничкиот универзитет во Истанбул (ITU).
Ѓунеш заедно со координаторката на проектот, професорката Нуѓул Челик Балџи, се фокусираа конкретно на минералите со слични геохемиски карактеристики на оние од планетата Марс.
Ѓунеш рече дека неодамнешните роботски истражувања на Марс откриле докази за испарувачки материјали, нагласувајќи ја важноста од наоѓање слични материјали овде на земјата.

„Ова истражување - кое ја вклучува геологијата, геохемијата, биологијата и климатските науки - има за цел да ги разбере геохемиските услови на Марс и да обезбеди информации за појавата на биолошки траги во материјалите формирани при овие услови“, рече Ѓунеш.
Таа истакна дека учесниците во проектот се соочуваат со исклучително сурови временски услови на Антарктикот.
Додека ја проучувала морската биологија, океанографијата и екологијата во јужнокорејската станица „Крал Сеџонг“, Ѓунеш рече дека имала можност да ја увиди големата потреба од научни истражувања на Антарктикот преку нејзините разговори со другите научници од останатите научни дисциплини.
„Турција е подготвена да го заземе своето место во областа на истражувањето на вселената, кое“, како што истакна, „е поважно за Турција, додека науките за Земјата се исто така од голема важност за да се истражат трагите од живот на другите планети.“
Проектот, кој е поддржан од турското Претседателство, од Министерството за индустрија и технологија и Центарот за поларни истражувања (заедно со другите турски универзитети), ќе спроведе низа научни истражувања на Антарктикот во текот на следните 30 дена.
Тим од тројца новинари на АА - Дилара Зенгин, Озге Елиф Кизил и Сервет Улку - медиумски ќе го покриваат напредувањето на истражувањата за време на престојот на Антарктикот.
Центарот за поларни истражувања е основан на Антарктикот во 2015 година, со цел спроведување на истражувања и издигнување на Турција во меѓународната научна заедница.
Во април 2016 година, првиот турски тим истражувачи - вклучувајќи медицинари, ботаничари, геолози и океанограф од седум универзитети, отпатуваа за Антарктикот за да го проучуваат влијанието на климатските промени.
Антарктикот, најстудениот континент на планетата, важи како зона за научно истражување од потпишувањето на Антарктичкиот договор во 1959 година.
Турција, која моментно има статус на набљудувач меѓу земјите потписнички на Договорот, се надева дека ќе добие советодавен статус.
Најниската температура регистрирана на Антарктикот изнесувала - 89 Целзиусови степени, и била забележана во 1983 година. Во текот на летните месеци, температурите на континентот можат да достигнат до -15 степени Целзиусови.