Fatma Bülbül
21 Февруари 2017•Ажурирај: 22 Февруари 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Раководителот на првиот турски поларен истражувачки центар за Anadolu Agency изјави дека група турски научници во следните неколку дена ќе заминат на Антарктикот со цел да формираат турска база за научни истражувања.
Бурџу Озсој, раководителката на Поларниот истражувачки центар при истанбулскиот Технички универзитет истакна дека тимот ќе изврши истражувања за подготвување физибилити студија во врска со базата.

Озсој додаде дека научните истражувања се значајни за прибирање информации во однос на климатските промени.
Таа нагласи дека неколку земји веќе 70 години работат на полето на физичките науки, а Турција исто така има потенцијал за работа во таа област.
„Моментот кога таму (на Антарктикот) ќе се развиори турското знаме ќе биде многу горд момент за нас“, додаде Озсој.
Минатата година во април, тим од 14 турски научници, вклучувајќи лекари, ботаничари, геодетски и геолошки инженери, како и океанографи од седум турски универзитети за првпат заминаа на научна мисија на Антарктикот со цел проучување на влијанието на климатските промени.
Антарктикот, од моментот на потпишување на Договорот за Антарктикот во Вашингтон, 1959 година, од кој дел е и Турција, претставува место само за научни истражувања.
Континентот се смета за најстуден на Земјата. Најниската температура е регистрирана во 1983 година и изнесува - 89 степени Целзиусови. Во текот на летото, температурите се издигаат до - 15 степени Целзиусови или - 5 степени.