АНКАРА (AA) – Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, денеска соопшти дека Турција во 2016 и во 2017 година, во земјите кои имаат потреба од помош, реализирала 14,5 милијарди долари развојна помош, јавува Anadolu Agency (AA).
Кабинетот на турскиот премиер соопшти дека Турција и понатаму пружа рака на пријателство и помош на сите земји на кои тоа им е потребно, и дека Турција и понатаму е надеж на многу загрозени заедници во светот.
Во соопштението се наведува и изјавата на турскиот премиер Јилдирим, кој истакна дека Турција во поддршка на загрозените земји не врши никаква селекција врз база на верската, расната или која било друга припадност, туку дека им помага на луѓето во неволја, меѓу кои и на оние во Аракан и Источна Гута.
„Милиони луѓе во светот денеска бараат парче леб, а нашата цивилизациска мисија не дозволува да затвораме очи пред таа немила глетка. Никогаш не бевме глуви на барањата за помош и нема тоа никогаш да го направиме. Турција и понатаму ќе пружа рака на загрозените лица“, порача Јилдирим.
Потсетувајќи дека Турција згрижи 3,5 милиони бегалци и дека во оваа смисла е прва во светот, Јилдирим рече дека Турција на тие луѓе им ги отвори своите врати и дека со нив го дели животниот простор.
Турција во 2015 година издвои 3,9 милиони долари за официјална развојна помош на другите земји, а во 2016 година го зголеми тој износ за дури 65 отсто.
„Болката нема јазик, религија и раса. Турција во 2016 година беше најголем донатор на хуманитарна помош во светот. Според првите анализи и во 2017 година Турција со осум милијарди долари развојна помош, остави многу развиени земји зад себе“.
Понатаму, Јилдирим истакна: „Со развојната и реформската политика, Турција во изминатата деценија и пол, престана да биде земја која прима, а стана земја која дава помош“. Премиерот на оваа земја, исто така, наведе дека минатата година, најголемиот дел од развојната помош го реализира на Блискиот Исток, Африка и на Балканот, а од државите, најмногу помош добила Сирија.
„Во стратегијата на развојот до 2023 година, Турција постави цел да стане влијателен актер на сите полиња на Меѓународната заедница и затоа, со крупни чекори одиме кон таа цел. Во тоа придонесува и Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА), која на теренот реализира проекти со посредство на 60 координациски канцеларии на Балканот, Блискиот Исток, Кавказ, Латинска Америка, Африка, Јужна Азија и Океанија“, наведе Јилдирим.
Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА), со работа започна во 1992 година, и во првата деценија реализира 2.200 проекти. Со доаѓањето на власт на Партијата на правдата и развојот (АК Парти), од 2003 година до минатата година, Агенцијата ја интензивира работата и реализира повеќе од 20.000 проекти.
„Турција моментално е 18. најголема економија на светот, а во издвојување за хуманитарна и развојна помош, зад себе оставаме многу развиени земји, што само укажува на нашата солидарност и одговорно однесување во општеството“, порача Јилдирим.
Потсетувајќи дека Турција во 2011 година на Конференцијата на најнеразвиените држави во Истанбул, вети дека на тие земји за десет години ќе донира 200 милиони долари помош, Јилдирим рече дека во изминатите шест години ним им е донирано дури 1,8 милијарди долари.
„Турција и понатаму ќе биде светол пример во светот, во контекст на исполнување на меѓународните обврски и хуманитарната одговорност“, заклучи Јилдирим.
news_share_descriptionsubscription_contact
