МАДРИД (АА) - ЈЕШИМ СЕРТ КАРААСЛАН -
Претседателот на Здружението на координатори за трансплантација на органи, д-р Јавуз Селим Чинар, истакна дека Турција, на полето на трансплантацијата се наоѓа меѓу првите три земји во светот, особено во трансплантацијата на бубрези и црн дроб од жив донор. Тој посочи дека тоа е причина поради која голем број доктори од странство доаѓаат на обука во Турција. „Во рамките на проектот International Transplant Network-ITN, за три години дадена им е обука за трансплантација на органи на 3.000 медицински лица од 76 земји“, изјави д-р Чинар.
Д-р Чинар, како учесник на Меѓународниот конгрес за трансплантација на органи што се одржува во Мадрид, во својата изјава за Аnadolu Аgency (AA) даде детали во врска со трансплантацијата на органи во светот и во Турција.
Тој посочи дека во целиот свет, околу 2 милиона луѓе, а над 25.000 пациенти само во Турција, се наоѓаат на листите за чекање за донација на органи, со надеж дека трансплантацијата ќе им го продолжи животот. „За жал, околу 10% од овие пациенти ги губат своите животи поради тоа што не успеале да дојдат до соодветен орган. Без сомнение, како што е тоа случај во светот, така и во Турција, соодветноста и органската структура се едни од најограничувачките фактори и проблеми во трансплантацијата на органи“, рече д-р Чинар.
Д-р Чинар информираше дека според последните информации на Министерството за здравство, во Турција е изведена трансплантација на црн дроб кај 1.087 лица од жив донор и кај 359 пациенти од лица кои починале од мозочен удар. Трансплантација на бубрези е спроведена кај 2.647 лица од жив донор и кај 693 пациенти од лица кои починале од мозочен удар.
Предупредувајќи дека секој здрав човек во одреден период може да има потреба од трансплантација на органи, д-р Чинар ја истакна важноста на донирањето органи. Тој посочи дека од големо значење во донирањето на органи се лицата кои претрпеле мозочна смрт, истакнувајќи дека секој треба да сочувствува по ова прашање со луѓето на кои им се потребни органи за продолжување на животот.
- „Според искуството и хируршката техника ние сме многу понапред од голем број земји“ -
Истакнувајќи дека како земја постигнуваат голем успех во трансплантацијата на органи, д-р Чинар рече дека Турција се натпреварува со светот, особено на полето на трансплантацијата на бубрези и црн дроб.
„Турција е особено успешна во трансплантацијата од живи донори. Во трансплатацијата на бубрези и црн дроб, Турција е меѓу првите три земји во светот, бидејќи според искуството на ова поле и хируршката техника, ние сме многу понапред од голем број земји.“
„Турција веќе е земја која е во позиција да врши обука за трансплантација на органи од жив донор. Лекари од различни земји од светот доаѓаат во Турција за да се обучат за трансплантација на органи од жив донор. Во рамките на проектот Transplant Network-ITN, за период од три години, за трансплантација на органи обучивме 3.000 медицински лица од 76 земји“, истакна Чинар.
Д-р Чинар нагласи дека од технички аспект, еден од најзначајните фактори за успехот на трансплантацијата на органи од живи донори во Турција, се искусните хирурзи. „Најзначајниот фактор за успехот потекнува од структурата на турскиот народ. Турците, без размислување, донираат орган, доколку е тоа потребно за некој родина или некој близок. Тоа е причина поради која се зголемуваат можностите за донација на органи за трансплантација од жив донор, а тоа значи зголемување на донорските можности.“
- „Ќе станеме водечка земја во светот во трансплантација од починати донори“ -
Чинар рече дека се посветени на активности за овој успех на Турција да се развие на нивоа слични на трансплантација од починати донори, и дека обрнуваат внимание на обуката на здравствениот персонал, работат на зајакнување на техничката инфраструктура и реализираат активности за подигање на свеста кај општеството за зголемување на донацијата на органи.
Д-р Чинар вели дека со цел да се спречи погрешното информирање на јавноста, организираат медиумски работилници во соработка со ONKOD, TONV и со организации на засегнати страни, со тоа што сакаат оваа тема да стане актуелна и да ги информираат граѓаните со точни информации.
„На овој начин, во блиска иднина, како во областа на трансплантација од жив донор, така и во областа на трансплантација од починат донор, ќе го запишеме нашето име пред голем број земји од светот. Поседуваме научна и техничка инфраструктура, а имаме и надлежни невладини организации за да се овозможи тоа. Министерството за здравство е добро запознаено со ова прашање“, додаде тој.
- „Трансплантациите се вршат на безбеден начин и не можат да бидат злоупотребувани“ -
Претседателот на ONKOD, Чакар, истакна дека овој успех на Турција треба добро да му се објасни на светот со презентации на меѓународните конгреси, и дека треба да се пренесат работите на Етичкиот комитет, како и прописите кои се применуваат во оваа насока.
„Секоја фаза на процесот на трансплантација во Турција“, рече Чакар, „се врши во една исклучително безбедна средина, а можните ризици на злоупотреба се спречуваат со прописи.“
„Постојат сериозни правни практики, поради што стапките на трансплантација од жив донор во земјата се високи. Постојат строги контроли за спречување на злоупотребата. Во нашата земја, трансплантациите од жив човек се вршат, пред сè, од роднини со услов да бидат до четврта генерација. Во случај да не се најде човек од роднините до четврта линија којшто може да донира, тогаш трансплантацијата се врши со одлука на Етичкиот комитет. Од трансплантациите, 90 отсто се вршат од роднини. Се врши една многу строга контрола околу дарителот и примателот. Затоа трансплантациите се вршат на безбеден начин што не можат да бидат злоупотребувани“, додаде тој.