Leyla Ataman Koyuncuoğlu
05 Март 2017•Ажурирај: 06 Март 2017
АНТАЛИЈА (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Турција ќе ги користи своите демократски права и ќе ги посетува своите државјани во Европа, и дека тоа нема да го спречат ни терористите на ПКК, ниту оние кои не сакаат Турција да има силни врски со својот народ, јавува Anadolu Agency (AA).
Властите на Германија и Холандија неодамна соопштија дека нема да им дозволат на турските официјални лица да одржуваат програмски активности во тие земји по повод престојниот референдум за уставни промени, кој ќе биде одржан во Турција на 16 април. Чавушоглу за време на денешното обраќање на собирот во Анталија изјави дека турските официјални претставници нема никој да ги заплаши.
„На терен ќе ги користиме своите демократски права. Како што тие доаѓаат во Турција и ги користат своите демократски права и слободи, така и јас ќе одам таму. Без оглед на тоа што велат тие, ние не се плашиме и нема да ги спуштиме нашите глави. Во лице ќе им ги кажеме сите двојни стандарди кои ги применуваат за прашањата поврзани со демократијата и човековите слободи, токму како и што правевме досега”, изјави Чавушоглу.
Тој порача дека никој не треба на Турција да ѝ држи лекции, и додаде дека турските официјални претставници и понатаму ќе се состануваат со своите сонародници во Европа.
„Во тоа нема да нè спречат предавниците од ПКК, ниту оние кои се вознемирени поради нашите сили врски со нашите граѓани. Од ова место јасно порачувам дека сме за дијалог и за пријателство, но со оние коишто тоа го сакаат”, порача Чавушоглу.
Турскиот министер за надворешни работи во таа пригода истакна дека некои европски земји сакаат да управуваат со Турција и дека затоа настојуваат да ја направат слаба и да ја поделат. Тој додаде дека тие земји поради тоа ги поддржуваат терористите и предавниците од ПКК, ФЕТО, ДХКП-Џ и други кои се исто така против силна и стабилна Турција.
„Сето тоа треба добро да се осмисли. Зошто тие земји се сега со оние коишто го заговараат референдумското 'не', зошто се обидуваат да ја блокираат работата на оние кои се за уставни промени. Размислите сите за тоа”, изјави Чавушоглу.