Meltem Bulur
14 Декември 2016•Ажурирај: 15 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, во врска со нарушувањето на прекинот на огнот во сирискиот град Алепо изјави: „Сега гледаме дека режимот и некои групи се обидуваат да го попречат тоа“, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред церемонијата на затворање на „Работилницата за обука на меѓународни лидери во образованието во странските организации на Министерството за национално образование“, Министерот Чавушоглу одржа прес-конференција на која одговараше на прашањата на новинарите.
Министерот Чавушоглу потсети дека Турција вложи големи напори за да се воспостави примирјето во Алепо, за испорака на хуманитарна помош, и за да се направат вистинските чекори за цивилите во градот. Тој рече дека интензивно продолжуваат средбите под лидерство на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, особено благодарение на неговите телефонски разговори со претседателот на Русија, Владимир Путин, средбите на нивните нивните министри за надворешни работи и состаноците во рамките на министрите на земјте истомисленици за Сирија, билатералните средби со Иран и Русија и одделните средби со воените и експертските претставници. Чавушоглу потсети дека Турција направила одделни чекори и за примирјето што вчера беше постигнато во Алепо, за извлекување на цивилите од градот и задоволување на нивните потреби.
„Сега гледаме дека режимот и некои одделни групи се обидуваат да бидат пречка на постигнатото примирје. Тука се Русија, Иран, сили поддржани од Иран и се разбира, силите на режимот. За една ваква хуманитарна криза каква што се случува во Алепо, не треба никој вината да ја префрла на некој друг. Постои договор и потребно е тој да се спроведе.
Всушност, пред 10 дена бевме посредници за постигнување на сличен договор, ги донесовме спротивставените страни на едно место. За жал, договорот не се спроведе како што посакувавме, но сега во градот имаме човечка драма. Луѓето се масакрирани. Децата се убивани. Затоа, никој кон никого нека не ја префрла вината, тука секој е одговорен, секој е виновен. Ние, во рамките на договорот најискрено се обидуваме да го направиме потребното за да ги извлечеме луѓето од градот, посредуваме и продолжуваме во таа насока.
„Синоќа разговаравме со (министерот за надворешни работи на Русија Сергеј) Лавров. Денеска околу пладне повторно ќе разговараме со иранскиот министер за надворешни работи и со Лавров. Се надевам дека секој ќе го почитува договореното и во тие рамки, тука ќе запре бруталноста и суровоста“.
На прашањето околу извлекувањето на цивилите од Алепо, министерот Чавушоглу одговори дека поради постоечките пречки, извлекувањето не е спроведено во буквална смисла, но рече дека подготовките се завршени.
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу рече дека се завршени подготовките околу конструкцијата на камповите во Турција и на северот од Сирија, во кои ќе бидат донесени луѓето од Алепо и хуманитарните организации задолжени за давање хуманитарна и здравствена помош.