Zuhal Demirci,Tevfik Durul,Furkan Naci Top
19 Октомври 2018•Ажурирај: 20 Октомври 2018
ТИРАНА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, во рамки на неговата посета на Албанија, во Тирана се сретна со албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Дитмир Бушати, јавува Anadolu Agency (AA).
По средбата на Чавушоглу и Бушати одржаа заедничка прес-конференција, на која шефот на турската дипломатија Чавушоглу истакна дека посетата на Тирана се одвива низ една интензивна програма, и дека отсега понатаму почесто ќе ја посетуваат Албанија.
Чавушоглу се осврна и на случајот со исчезнувањето на саудискиот новинар Џамал Кашоги по неговото влегување во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври, и ги негираше тврдењата дека на министерот за надворешни работи на САД, Мајк Помпео, му дал аудиоснимки околу овој случај.
„Турција не му даде никаква аудиоснимка на Помпео или на кој било американски претставник“, додаде Чавушоглу и нагласи дека се води транспарентна истрага за овој случај.
„Сите резултати кои ќе бидат откриени, ќе ги споделиме со светската јавност. Не сме споделиле некоја информација со ниту една земја“, истакна шефот на турската дипломатија, Чавушоглу, за време на прес-конференцијата со неговиот албански колега Дитмир Бушати, во Тирана, во врска со случајот „Кашоги“.
- Чавушоглу: „Ние ја поддржуваме секоја одлука на Македонија“
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, рече дека неговата земја го поддржува тоа што Македонија ќе го одлучи во преговарачкиот процес со Грција.
Говорејќи на прес-конференцијата во Тирана, по средбата со својот колега од Албанија, Дмитриј Бушати, Чавушоглу одговори на прашањето околу проблемот за името меѓу Македонија и Грција.
Чавушоглу, зборувајќи за спорот за името меѓу Грција и Македонија, го рече следното: „И во периодот на преговорите со Грција, ние на Македонија постојано ѝ го велевме следното: Она што вие ќе го прифатите, ние тоа ќе го поддржиме."
Чавушоглу потсети дека Турција е меѓу ретките земји кои ја признава оваа земја под името „Македонија“ и во НАТО.
Шефот на турската дипломатија потсети и дека со поддршка на Турција и Албанија, Македонија од страна на НАТО беше поканета како земја кандидат, истакнувајќи дека НАТО треба да го продолжи процесот, без да дојде до негов прекин.