Sevil Çelik
20 Октомври 2018•Ажурирај: 21 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (AA) - Гласноговорникот на Партијата на правдата и развојот (АК Партија), Омер Челик, порача дека Турција ќе ѝ го открие на јавноста она што се случило во случајот со убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, и дека во тоа никој не треба да се сомнева, јавува Anadolu Agency (AA).
Челик, во текот на престојот во Истанбул одговараше на прашањата на новинарите во врска со убиството на новинарот и колумнист на „Вашингтон пост", Џамал Кашоги. Истакна дека Турција спроведува независна истрага. „Ние никого однапред не обвинуваме, но исто така не допуштаме што било да остане сокриено“, рече Челик, и додаде:
„Нашата чест нѐ обврзува овој случај да се расветли. Ќе ги користиме сите можни средства и сѐ ќе биде откриено. Тоа е волја и желба на нашиот претседател (Ердоган).“
Подвлече дека случајот со новинарот Кашоги е многу сериозен настан, кој предизвика гнев кај целото човештво.
„Секој во светот го следи овој случај со голем интерес. Во овој случај се цени фактот што турскиот авторитет, турското Обвинителство спроведува прецизна истрага“, порача Челик, и подвлече дека никој не треба да се сомнева во тоа дека Турција на јавноста ќе ѝ го открие она што конкретно се случи.
Саудиска Арабија синоќа соопшти дека новинарот Кашоги починал по расправија во саудискиот Конзулат. Според наводите на саудиската државна телевизија, 18 државјани на Саудиска Арабија се приведени поради врска со смртта на Кашоги во Конзулатот на оваа држава во Истанбул.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“, Џамал Кашоги, исчезна на 2 октомври откако влегол во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Кашоги е познат како критичар на политиката која ја води актуелната власт на Саудиска Арабија, а го поддржуваше и весникот „Ал Ватан“, кој претставува главна платформа на саудиските реформисти.