Sinan Uslu
04 Октомври 2016•Ажурирај: 05 Октомври 2016
АНКАРА (АА) – Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, заедно со вицепремиерите Мехмет Шимшек и Нуретин Џаникли, министерот за труд и социјална безбедност, Мехмет Муезиноглу, министерот за економија Нихат Зејбекчи, министерот за развој Љутфи Елван и министерот за финансии Наџи Агбал и високи раководители од јавните институции, во палатата во Чанкаја одржа прес-конференција на која ја обелодени новата среднорочна програма (2017-2019), јавува Anadolu Agency (AA).
- „Ќе ги подигнеме стапките за развој“ -
Премиерот Јилдирим истакна дека турската економија, освен во 2009 година, 27 квартали забележува постојан раст, и додаде дека економијата и оваа година на ист начин продолжува да расте.
Освен Кина и Индија, оваа година Турција оствари развој којшто е двапати поголем од просечниот развој на светско ниво.
„Овој раст не е доволен за нас. Растот во рамките на 3-4 отсто во никој случај не е развој кон кој ние целиме. Глобалните негативности влијаеја и на нас. Гледајќи ја Европа, чиј раст е под нулата или на ниво на нула, Турција успеа да оствари развој од 3 отсто во 2016 година“, рече премиерот на Турција, Јилдирим.
- „Инфлацијата ќе биде на ниво од 7,5 отсто“ -
Јилдирим истакна дека доколку не се случат одредени непредвидени нешта, се очекува оваа година инфлацијата да изнесува 7,5 отсто, во 2017 таа да изнесува 6,5 отсто, а за 2018 се предвидува инфлацијата да биде 5 отсто.
- „Во 2018 година ќе продолжи намалувањето на буџетскиот дефицит“ -
Премиерот на Турција, Јилдирим, изјави дека подготвениот буџет за 2017 година, на 17 октомври ќе биде претставен пред Парламентот.
„Сметаме дека буџетскиот дефицит во 2017 година би требало да се движи во рамките на 1,9 отсто. Причините за овој буџетски дефицит ќе ги претставиме наредните денови. Во 2018 година повторно ќе продолжиме со намалувањето на буџетскиот дефицит“.
- „Судењето на учесниците во обидот за државен удар ќе биде по брза постапка“ -
Јилдирим истакна дека процесот во државата продолжува по обидот за државен удар: „Судскиот процес против учесниците во обидот за државен удар ќе биде по брза постапка, мора да му се даде поттик на народот. Потребно е семејствата на загинатите колку што е можно побрзо да го видат судењето на овие учесници во пучот“.
- „Учениците ќе имаат целодневна настава“ -
Зборувајќи за двојното образование, турскиот премиер Јилдирим изјави:
„До 2019 година ќе ставиме крај на двојното образование, ќе преминеме на еднообразовен систем. Наместо половина ден, учениците ќе посетуваат целодневна настава. Покрај тоа, од 5. одделение учениците ќе мораат да учат еден странски јазик. И претшколското образование ќе биде обврзувачко“.
- „Ова е песимистичка прогноза“ -
Јилдирим рече дека во новата среднорочна програма на турската Влада се дадени најпесимистички прогнози.
„Она што го претставивме тука, во оваа тригодишна среднорочна програма, се песимистички проценки. Програмата е подготвена под претпоставка за најнеповолни околности, но можам да кажам дека кога ќе дојде денот, ќе имаме многу подобри резултати“.
- Очекувањата од надворешната трговија -
Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, во врска со надворешната трговија изјави: „Во 2017 година очекуваме да оствариме извоз од 153 милијарди долари, додека увозот би требало да изнесува 214 милијарди долари“.