Hüseyin Demirci
04 Октомври 2016•Ажурирај: 04 Октомври 2016
КАРС (АА) - Езерото Караѓол (Црно Езеро), кое се наоѓа на северот од Турција, во провинцијата Артвин, подготвено е да го покаже своето богато есенско руво и со него повторно да ги фасцинира посетителите, јавува Anadolu Agency (AA).
Есента опеана во стиховите на писателите од целиот свет и оваа година Караѓол го претвори во „место од разгледници“. Многубројните домашни и странски туристи ги користат последните сончеви зраци за да уживаат во играта на бои и светлината што се прекршува меѓу високите борови дрвја околу езерото во националниот парк Сахара.

Езерото коешто голем број туристи го посетуваат во текот на целата година, во овој период е подготвено да ги покаже сите свои нијанси на златна боја, поради што најмногу го посетуваат фотографите, но и сите оние што ја бараат оазата на мирот.
На крајбрежјето од езерото има можност да се кампува, да се прави скара или едноставно да се пие чај (по кој е познат црноморскиот регион) и да се ужива во погледот. Има и такви кои одлучуваат да го набљудуваат езерото со чамци, пловејќи по него, каде што можат да видат риби со различна големина и боја.

Караѓол е идеално место за да се поминат неколку дека во природа, но доволен е и еден ден за опуштање од стресот насобран во текот на работната недела. Местото Шавшат, во кое се наоѓа езерото, е дел од движењето „Цитаслоу“ (Cittaslow) – добар квалитет на животот во мал град е главната идеја што лежи во основата на ова движење).
Генералното собрание на „Цитаслоу“ во Италија, 2015 година, градот Шавшат го прогласи за „мирен град“.
„Не можеме да престанеме да фотографираме. Планини, зелена, жолта, сина боја... Сѐ на едно место. Се обидуваме да направиме добри фотографии“, изјави фотографката Мерјем Енис, која секојпат кога ќе го посети езерото останува фасцинирана од неговата убавина и чистота.