ВАШИНГТОН (АА) - Ноха и Разан Кашоги, ќерките на убиениот саудиски новинар Џамал, напишаа статија за американскиот „Вашингтон пост“ („The Washington Post“), во која на многу емотивен начин се присетија на својот татко, пренесува Anadolu Agency (AA).
Статијата за Кашоги во весникот „Вашингтон пост“, кој објавуваше и негови колумни, е објавена под насловот: „Ние сме ќерки на Џамал Кашоги. Ветуваме дека неговото светло никогаш нема да згасне.“
„Џамал Кашоги беше комплексен човек, но кон нас, неговите ќерки, беше едноставен татко. Нашето семејство секогаш беше гордо на она што го правеше. Во нашиот живот тој беше „баба" (татко), човек полн со љубов и со големо срце“, напишаа ќерките на Кашоги.
Понатаму наведуваат дека сакале нивниот татко секој викенд да ги води во книжарница, дека сакале да ја прелистуваат неговата патна исправа со сите локации каде што патувал, но и да ’копаат‘ по неговата работна маса, која секогаш била пренатрупана со весници и различни исечоци од нив.
„Како деца, ние нашиот татко го знаевме како патник. Неговата работа го водеше секаде, но тој секогаш нам ни се враќаше со подароци и со фасцинантни приказни. Секогаш сакавме да бидеме будни цела ноќ, испрашувајќи го каде бил и што правел. Колку и да патуваше далеку, секогаш верувавме дека повторно ќе го видиме. Уште од мали нозе бевме свесни за неговата работа, знаевме дека тој е многу значаен човек чии зборови имаат влијание и на луѓето кои се многу далеку“, пишуваат Ноха и Разан.
Тие, исто така истакнаа дека израснале во љубовта на нивните родители кон знаењето.
„Безброј пати нѐ носеа во посета на музеи и историски знаменитости. При возење од Џеда кон Медина, татко ни секогаш ни зборуваше за различни подрачја и за нивната историска важност. Секогаш беше опкружен со книги и секогаш сонуваше да ги има во поголем број. А во сето она што го прочита, никогаш никого не дискриминираше, во потполност го апсорбираше секое мислење. Неговата љубов кон книгите која ја имаше, го учеше да формира мислење на тој начин. И нас нѐ учеше на тоа“, истакнаа меѓу останатото сестрите Кашоги.
Наведуваат дека животот на нивниот татко бил полн со неочекувани моменти, но дека и покрај сѐ, тој секогаш бил оптимист.
Како што истакнаа, нивниот татко имал и прагматична страна.
„За него беше многу важно да се каже она што се мисли, да го сподели своето мислење и искрено да зборува. Пишувањето за него не беше само работа, тоа беше обврска на неговата личност, тоа го држеше во живот. Благодарение на зборовите кои ни ги остави, неговиот дух е заедно со нас, затоа сме му благодарни“, напишаа неговите ќерки.
Нагласувајќи дека нивниот татко никогаш не престанал да губи надеж за својата земја, тие додаваат: „Всушност, нашиот татко не беше дисидент.“
Наведуваат дека, откако нивниот татко исчезнал на 2 октомври оваа година, го посетиле неговиот дом во Вирџинија, а тие моменти ги опишаа на следниот начин:
„Најтешко беше да се види неговиот празен стол. Неговата отсутност беше заглушувачка. Тука често го гледавме додека седи, додека запишува нешто, држејќи ги очилата на чело. Повторно ги гледавме сите негови работи. Додека ги гледавме неговите работи, знаевме дека тој одлучил толку напорно да пишува во надеж дека кога ќе се врати во Кралството, тоа ќе биде подобро место за него и за сите Саудијци.“
Текстот во „Вашинготн пост“ го завршија со следните зборови:
„Овој текст не е никакво фалбаџиство. Овој текст е ветување дека неговото светло никогаш нема да биде згаснато и дека ќе го чуваме неговото наследство. „Баба“ знаеше да каже ’Некогаш да отидеш, значи да останеш,‘ и во тоа беше во право, сега тоа звучи логично. Се чувствуваме благословено што пораснавме со неговиот морален компас, неговото почитување кон знаењето и вистината, и неговата љубов. До нашата повторна средба во следниот живот.“
Статијата во „Вашингтон пост“ е објавена со илустрација на која може да се види празен стол на чиј потпирач се наоѓа весникот „Вашингтон пост“ и очила. Станува збор за цртеж на неговата ќерка Разан.
Кашоги, новинар и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ убиен е на 2 октомври во зградата на саудискиот Конзулат во Истанбул. Турското обвинителство откри дека Кашоги е задавен веднаш по влегувањето во Конзулатот, а дека неговото тело е исечено на парчиња и уништено.
Властите на Саудиска Арабија потоа признаа дека Кашоги е убиен, а не дека го напуштил Конзулатот, како што првично тврдеа. Истрагата за случајот и понатаму е во тек, со акцент на потрага за посмртните останки на Кашоги.
Саудискиот принц Мухамед бин Селман се соочува со сериозни обвиненија за вмешаност во убиството на Кашоги.