Dildar Baykan Atalay
12 Јули 2022•Ажурирај: 13 Јули 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Џо Бајден ја сподели со јавноста една од првите фотографии во боја направени од вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“, кој е во сопственост на Американската вселенска агенција (НАСА), јавува Агенција Анадолија (АА).
На церемонијата одржана во Белата куќа, претставници на НАСА го информираа Бајден за првата фотографија направена од телескопот како гледа во длабочините на вселената.
Бајден нагласи дека споделувањето фотографии и податоци на НАСА ќе биде од историска природа.
„Овие фотографии ќе му покажат на целиот свет дека Америка може да направи големи работи, а особено ќе ги потсети американските деца дека ништо не е надвор од нашите можности“, рече Бајден, додавајќи дека тоа е показател за моќта на САД.
По говорот на Бајден, на јавноста и беше претставена фотографија од галаксии кои досега не се видени со човечко око. Фотографијата за која станува збор е најдлабоката и најјасната фотографија на галаксии во вселената некогаш направена.
По претставувањето на оваа фотографија пред присутните се обрати и директорот на НАСА, Бил Нелсон.
„Знаете, пред 100 години верувавме дека постои само една галаксија, а сега знаеме дека има милијарди галаксии и сонца“, рече Нелсон.
Наведувајќи дека предметниот телескоп се обидува да дојде до тајните на универзумот стари 13 милијарди години, Нелсон рече дека телескопот „Џејмс Веб“, користејќи ги хемиските студии што ќе ги спроведе на овие планети, ќе се обиде да утврди дали има живот на нив.
НАСА во текот на денот ќе сподели повеќе фотографии и податоци од вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“.