Bahattin Gönültaş
20 Септември 2023•Ажурирај: 21 Септември 2023
БЕРЛИН (АА) – Компанијата на Елон Маск за имплантирање мозочни чипови, „Неуралинк“, соопшти дека добила одобрение од независната комисија да започне со регрутирање пациенти за својот прв експеримент на луѓе, јавува Анадолу.
„Компанијата 'Неуралинк' бара пациенти за тестирање на нејзиниот мозочен имплант за парализирани лица во клинички испитувања“, се наведува во соопштението.
Имплантот ќе се тестира кај пациенти што страдаат од парализа поради повреди на 'рбетниот мозок. „Неуралинк“ не откри каде ќе се одвива истражувањето што ќе трае околу шест години, ниту колку учесници ќе вклучи.
„Неуралинк“, исто така, соопшти дека добила одобрение од американската Агенција за храна и лекови (FDA) да започне со тестирање на проектот за мозочен чип за луѓе во мај 2023 година.
Чиповите претходно биле успешно тестирани на мајмуни.
Дури и ако мозочниот имплант се покаже како безбеден, експертите велат дека може да поминат повеќе од десет години за да биде одобрена иницијативата за комерцијална употреба.
Од 2016 година компанијата „Неуралинк“ има цел лекување на невролошките нарушувања како парализа и слепило и подобрување на квалитетот на животот на лицата со попреченост, благодарение на микрочиповите што се поставуваат во мозокот.
Експертите, од друга страна, предупредуваат дека прелиминарните студии на мозочните импланти на „Неуралинк“ треба да бидат повнимателни и посеопфатни, земајќи ги предвид можните технички и безбедносни проблеми.