Emel Öz Gözellik
10 Април 2018•Ажурирај: 11 Април 2018
АНКАРА (АА) - ЕМЕЛ ОЗ ЃОЗЕЛИК -
Според податоците на Фондацијата „Паркинсон“, во светот има повеќе од 7 милиони луѓе кај кои е дијагностицирана Паркинсова болест, прогресивно нарушување на централниот нервен систем, пренесува Anadolu Agency (AA).
Главните симптоми на болеста, во 1817 година Џејмс Паркинсон ги опишува како тремор (треперечка парализа). Таа означува нарушување на движењета до кои доаѓа поради загубата на неврони кои лачат допамин, невротрансмитери во делот од мозокот кој ги контролира движењата.

Станува збор за прогресивна дегенеративна состојба, општо окарактеризирана со треперење, забавени движења, вкочанетост и абнормалност во држењето на телото. Во својот најсериозен облик, длабоко е поврзана со физичко и ментално нарушување.
Исто така, меѓу симптомите се и депресија, нарушување на спиењето, констипација (запек), деменција и друго.
Паркинсовата болест е зачестена кај лицата над 50-годишна возраст. Ги погодува и мажите и жените, со таа разлика што од оваа болест мажите заболуваат двојно повеќе.
Бројни се теориите кои се обидуваат да ја објаснат причината за појавата на Паркинсовата болест. Многубројни истражувања упатуваат на влијанието на околината и генетските фактори врз развојот и настанувањето на Паркинсовата болест, но досега не е идентификувана ниту една специфична причина.
Американската фондација „Паркинсон“ укажува на тоа дека симптомите можат да варираат од лице до лице. Забележани се разлики и во напредувањето на симптомите. Кај некои заболени, симптомите во почетокот биле помалку изразени, а потоа станувале сè поинтензивни со текот на времето.
Меѓу методите за лекување на Паркинсовата болест е лекување со лекови и терапии за поддршка, физикална терапија и хируршки интервенции. Лекувањето од оваа болест не е исто кај секој пациент. Тоа се менува во зависност од возраста на пациентот, од фазата на болеста во која се наоѓа пациентот и според симптомите.
Стандардна терапија за лекување не постои. Лекувањето на Паркинсовата болест не ја запира болеста, туку само доведува до контролирање на нејзините симптоми, а цел на таквото лекување е симулирање на лачење на допамин. Важно е раното дијагностицирање на болеста, за да може да се осмисли обликот на терапија.
За сузбивање на лекувањето се користат лекови, физикална терапија, но и оперативни зафати. Во зависност од пациентот, се одредува методот кој ќе биде применет, а на самиот избор дејствуваат возраста, стадиумот на болеста и симптомите.
Меѓу јавните личности кај кои е дијагностицирана Паркинсова болест се глумецот Мајкл Џ. Фокс, поп-ѕвездата Линда Ронстад, боксерот Мухамед Али и папата Јован Павле II.
Болеста кај Мајкл Џ. Фокс е утврдена во 1991 година, а за тоа јавноста е информирана 7 години подоцна. Основаше фондација за заболени од Паркинсова болест. Од 2000 до 2006 година собрани се 78 милиони долари. Фондацијата на Фокс е особено фокусирана на рано дијагностицирање на болеста.
Познато е дека и боксерот Мухамед Али, кој почина во 2016 година, 30 години се борел со оваа болест. Некои лекари сметаат дека Али заболел од оваа болест поради ударите во глава кои ги здобил за време на боксерските натпревари. Сепак, други тврдат, дека влијание имале и генетските фактори.
Строго чувана тајна на Ватикан беше и тоа дека папата Јован Павле II , кој почина во 2005 година, боледувал од Паркинсова болест.
Научниците истакнуваат дека раното дијагностицирање на болеста овозможува да се намали, т.е. забави напредокот на болеста, со што се продолжува квалитетот на животот кај заболениот од оваа болест.
Светскиот ден на Паркинсовата болест се одбележува на 11 април, а цел е да се подигне свеста кај граѓаните за оваа болест.