Efe Özkan
07 Август 2026•Ажурирано: 07 Август 2026
Американските научници објавија ново истражување во кое за првпат е прикажано како со помош на генеративна вештачка интелигенција биле дизајнирани нови вируси што не постојат во природата, што би можело да го отвори патот кон создавање цели биолошки системи на ниво на геном, јавува Анадолу.
Наодите, објавени во научното списание „Сајнс“, покажуваат дека истражувачите „користеле генеративни модели на вештачка интелигенција обучени на милиони природни геноми за да дизајнираат цели бактериофаги“ – вируси што инфицираат бактерии и можат да се размножуваат во нив.
Научниците од Универзитетот „Стенфорд“ и непрофитниот Институт „Арк“ од Калифорнија, кој се фокусира на високоризични истражувања со потенцијално голем научен придонес, користеле два „јазични модели за геноми“ наречени Ево 1 и Ево 2.
Ево 1 и Ево 2 функционираат на принцип сличен на големите јазични модели, но наместо да генерираат текст, тие предвидуваат генетски секвенци.
Нивната обука се базирала на геноми на вируси, бактерии, како и на посложени организми, меѓу кои растенија и животни.
Истражувачите хемиски синтетизирале речиси 300 геноми и ги тестирале во лабораториски услови.
Експериментите резултирале со 16 вештачки создадени бактериофаги со „разновидни секвенци, структури и профили на биолошка успешност“.
При тестирањето, инженерски создадените вируси се покажале поефикасни во уништување на бактеријата Ешерихија коли (E. coli) отколку природно постоечките вируси.
„Нашиот пристап ги проширува можностите на синтетичката геномика заедно со методите како насочена еволуција и рационално инженерство, отвора пат за развој на приспособливи и отпорни терапии со бактериофаги против брзо еволуирачки патогени и поставува основа за генеративно дизајнирање на поголеми и посложени геноми“, се наведува во истражувањето.
Истражувачите оценуваат дека овој прв чекор кон дизајнирање геноми со помош на вештачка интелигенција би можел да доведе до развој на поширок сет алатки за секвенционирање и синтеза на геноми кај посложени биолошки системи, како и до нови медицински третмани.