Göksel Yıldırım
24 Март 2023•Ажурирај: 25 Март 2023
САКАРИЈА (АА) - Турскиот производител на оклопни возила БМЏ (BMC) заврши со работата на редизајнираниот тенк „Алтај“, кој стигна до фаза на сериско производство, а на 23 април ќе им биде предаден на тестирање на Вооружените сили, јавува Анадолу.
Членот на Извршниот одбор на БМЏ и главен менаџер, Мурат Јалчинташ, даде информации за проектите што ги имаат реализирано, со посебен осврт на проектот за тенкот „Алтај“.
Наведувајќи дека „БМЏ Савунма“, која ќе го произведува тенкот „Алтај“, е 100 отсто турска компанија, Јалчинташ рече дека правата на интелектуална сопственост за тенкот „Алтај“ и моторите што ги произведува компанијата ѝ припаѓаат на Дирекцијата за одбранбена индустрија на турското Претседателство.
„Производството на тенкот 'Алтај' е завршено, сакаме на 23 април да го испорачаме на тестирање на турските Вооружени сили. Ова е сосема нов 'Алтај'. Тенкот што го имаме не е стариот тенк што првпат беше дизајниран во 2000 година. Во моментов нема пречка за сериско производство на тенкот 'Алтај'. Завршена е проектната работа на домашната погонска група, прототипите се произведени и испитани. Се проценува дека испитувањата ќе траат од една и пол до две години“, рече Јалчинташ и додаде:
„Во позиција сме да го испорачаме нашиот нов тенк 'Алтај' во инвентарот на турските Вооружени сили до 2026 година. Во моментов има барања од многу пријателски и сојузнички земји. Доколку Министерството за национална одбрана одобри, можеме да го извезуваме тенкот 'Алтај' во пријателските и сојузничките земји.“

Новиот тенк „Алтај“ со значителни супериорни можности е создаден по локализацијата и дополнителните можности направени на прототипите на тенковите „Алтај“ произведени во 2014 година. Меѓу новите можности додадени на тенкот „Алтај“ се систем за активна заштита, подобрен систем на оклопот, обновен систем за контрола на истрелувањето, обновен систем за управување со возилото, локализирани системи (намалување на брзината, нишански систем 2. степен, гасеници, прстенест запченик), пумпи за гориво и хидраулика, мобилна мрежа за прикривање, перископ, ротор...).
Тестовите на возење на новиот тенк „Алтај“ успешно се завршени во периодот април-декември 2022 година.
Се очекува тестовите на тенкот „Алтај“ во турските Вооружени сили да завршат во 2024 година. Во 2025 година започнува масовното производство на тенкот „Алтај“, а потоа и испорака на Вооружените сили на Туркије.
Од втората половина на 2026 година се планира продолжување на масовното производство на тенкот „Алтај“ со домашен мотор.